Линкови за пристапност

Претседателот Пендаровски нема да ги потпише измените во Изборниот законик


Со измените се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена, смета шефот на државата. Измените на законикот се во Собраниска комисија, блокирани со стотици амандмани од помалите партии. Спикерот Џафери на 6 ти август ќе ги распише локалните избори. Првиот круг ќе се одржи на 17 октомври

СКОПЈЕ – Претседателот на државата, Стево Пендаровски, најави дека нема да го потпише Изборниот законик ако во Собранието помине предлогот на текстот кој предвидува за кандидирање на независна листа да се потрбени задолжители 2 отсо од потписите на вкупниот број гласачи во една општина.

Според шефот на државата, со овие измени се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.

„Нема логика бидејќи за кандидирање на претседател на државата се потребни 10 000 потписи, а толку да треба и за кандидирање советници во Град Скопје”, рече Пендаровски на денешниот брифинг со новинарите во „Вила Водно“.

Пендаровски повтори дека има препорака на ОБСЕ за воведување на праг за кандидирање на независни листи и тој праг да биде до еден отсто од вкупниот број гласачи во една општина.

За Пендаровски е спорно што се носи непосредно пред распишување на избори и спротивно на препораките на ОБСЕ но додава дека доколку има политички консензус сепак ќе го потпише.

„Ќе го потпишам, ако сите се согласат. Препораката на ОБСЕ да не се носи пред избори е за да не се злоупотребува законот, но ако сите се согласни, јас не би имал аргумент да не ставам потпис бидејќи има општа согасност“, рече Пендаровски.

Измените во Изборниот законик пред избори е непотребно, го загрозува легитимитетот на изборниот процес и можноста од корупција, сметаат од „Транспаренси Интернешнл Македонија“.

„Ќе ја зајакне постоечката пракса на контрола на собирањето потписи преку контрола во листите за независни кандидати. Ќе го продлабочи застрашувањето над граѓаните кои ќе се осмелат да излезат и да се потпишат за одреден независен кандидат засновано на страв од последица ако се поддржи некој друг. Сево ова води до продлабочување на заробеноста на државата и зајакнување на моќта и контролата од институциите, кои наместо сервис стануваат механизам за контрола и застрашување. Наместо ова, власта и сите политички партии треба да се заложат за отвореност на изборниот процес и да обезбедат поголема слобода во натпреварот за политичките функции за институциите“, стои во соопшптението од Транспаренси.

Политичка корупција е оценката на ДКСК за начинот на кој се носат измените во изборниот законик. Комисијата има забелешки и на тоа што законот е ставен во собраниска процедура по скратена постапка, што е спротивно на Националната стратегија за спречување корупција.

„Предложените измени ќе овозможат зголемено влијание на политичките партии врз советниците при носење на одлуки во интерес на партиски цели, со истовремено намалување или анулирање на учеството и влијанието на поединци и граѓанските здруженија во општинските совети при носење на одлуки кои директно се однесуваат на квалитетот на животот на граѓаните во една општина. Во конкретниот случај се работи за системски закон па начинот на кој се настојува да се извршат измените, ДКСК го оценува како суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување“, е ставот на Антикорупциска.

Измените на Изборниот законик во моментов се на Собраниска комисија и се блокирани со над 700 амандмани поденсени главно од партијата „Левица“. Партиски координациии околу измените официјално во Собранието нема и засега не е закажана седница на која тие евентуално би биле изгласани.

Според информациите на „Гласот на Америка“, покрај прагот, несогласувањата се и околу делот од финансискиот колач односно над 3,5 милиони евра од Буџетот кои секоја година им се доделуваат на партиите.

А спикерот Талат Џафери денеска соопшти дека локалните избори ќе ги распише на 6 август и ќе се одржат согласно на 17 октомври.

„Согласно член 16 од Изборниот законик мандатот на градоначалници и советници трае четири години, а имајќи предвид дека претходните избори беа на 15 октомври 2017 година, фактички од 15 до 18 октомври се исполнува четири години мандат на градоначалниците и советниците. Имајќи предвид дека повеќе од половината од градоначалниците во вториот круг се здобиле со мандат или конкретно 46 општини вклучувајќи го и Градот Скопје, тоа значи фактички дека преку половината до 18 октомври ги исполнуваат условите за четири години мандат. 6 август е крајниот рок кога ќе бидат распишани локалните избори и од тој момент започнуваат изборните рокови за засегнатите страни“, рече Џафери.

Кампањата ќе почне во последната недела на септември и ќе се поклопи неколку денови со пописот кој во тој момент би требало да тече во државата.

Засега единствено СДСМ ги објави имињата на триесет и пет кандидати за градоначалници на претсотјните избори и речиси сите се актуелни вршители на таа должност.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG