Линкови за пристапност

Џо Бајден најави крај на американската борбена мисија во Ирак


За неколку месеци американските трупи во Ирак ќе ги завршат борбените должности таму. Ова го најави американскиот претседател Џо Бајден по состанокот со премиерот на Ирак, Мустафа ал – Кадими, кој се одржа во Белата куќа.

Бајден рече дека новата улога на американските трупи во Ирак „ќе биде да продолжат со тренирањето и поддршката, како и во справувањето со Исис, но до крајот на годината мисијата нема да биде борбена“.

Бајден не кажа колкав дел од 2.500 војници кои во моментов се таму ќе останат.

Во заедничко соопштение издадено по техничките состаноци меѓу САД и Ирак двете земји велат „безбедносната мисија ќе премине во мисија за тренирање советување, поддршка и споделување разузнавачки податоци, американските трупи нема да имаат борбена улога во Ирак до 31 декември 2021“.

„Ова е промена на мисијата, не е крај на нашето партнерство и присуство“ дообјасни портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Соединетите Држави и Ирак во април се согласија да ја променат мисијата на американските трупи која започна во 2015-та година и во чиј фокус беше тренирање и советување на ирачките безбедносни сили, но немаше одредено временска рамка за завршување на транзицијата.

Состанокот меѓу Бајден и ал – Кадими се случи во период кога американските воени сили во Ирак се изложени на зголемени напади, а САД за ова ги обвинуваат паравојските поврзани со Иран.

Присуството на американските трупи во Ирак наидува на поделени мислења во земјата, едни бараат поддршката за домашните безбедносни сили да продолжи, а други, вклучително и политички фактори поврзани со Иран, бараат целосно повлекување од земјата.

XS
SM
MD
LG