Линкови за пристапност

Охрид се спаси, УНЕСКО не го впиша на листата светски наследства во опасност


Надлежните се обврзаа на засилена соработка со Албанија и спроведување на сите препораки на мониторинг мисијата на УНЕСКО.Проблеми на терен многу, бетонизација на крајбрежјето, дивоградби, загадување, уништување на животната средина и пред се отсуство на одговорност кај локалната и централната власт

СКОПЈЕ - Охрид и Охридскиот регион го зачува својот статус - „светско наследство“ а УНЕСКО денеска и во последен момент на 44 сесија која се одржува во Фуџу - Кина, одлучи да не го впише на листата на свестски наследства кои се во опасност. Одлуката доаѓа откако вчера УНЕСКОго одложи гласањето за тоа Охридскиот Регион да биде ставен на новата листа бидејќи делегацијата на Босна и Херцеговина поднесе амандмани на Предлог-одлуката, според кои се бара на Македонија и Албанија да им се даде уште две години за да постапат по препораките од УНЕСКО, па потоа да се одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. На ова реагираше делегацијата на Норвешка, па гласањето беше прекинато.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, во своето обраќање на 44 сесија му се заблагодари на УНЕСКО за признавањето на напорите да се зачува регионот и дополнителниот рок.

„Посебна благодарност до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија. Истотака благодарност до колегите од Австралија и Норвешка за континуираните пријателски совети“, рече Нуредини.

Тој нагласи дека задоволен што Охридскиот регион е има можност да го задржи својот статус а надлежните доволно време да ја комплетираат заштитата и додаде дека сега е време сите да го дадат својот придонес.

„Сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Задоволни сме што Охридското езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и во дадениот рок ќе имаме време да ја завршиме заштитата на ова неверојатно природно и културно наследство. Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време вистински да работиме заедно и да се осигураме дека нема да бидеме во ваква ситуација во иднина. Затоа, ги поканувам сите страни, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации да соработуваат и да придонесат за заштита на езерото и целиот регион“, кажа Нуредини.

Министерката за култура Ирена Стефоска најави дека ведна ќе се почне со рабпота и со спроведувањето на препораките а за тоа е неопходно Македонија и Албанија да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.

„Остануваме впишани на престижната листана УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа. Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот. Оваа одлука е последен момент, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион“, изјави Стефоска која е и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО.

Од невладината „Охрид СОС“, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ информираа дека се обратиле на денешната сесија но по носењето на одлуката за Охридскиот регион.

„Во 2019 година со вашата одлука за Охридскиот Регион овозможивте дополнителни две години бетонирање на брегот на Охридско Езеро, дополнителни две години влевање гнасотии во неговите води и дополнителни две години трупање на отпадот во супстандардните депонии во неговиот слив. Исто така, прифативте дополнителни две години изговори, одложувања, лажирање, заблуди и кревки планови кои обезбедуваат доволно заштита само на експлоатацијата. Во 2021 г. со висока веројатност го овозможивте истото. Исклучителната универзална вредност му припаѓа на целото човештво. Кога ќе сфатите дека со овие ваши постапки губите и вие?“, пишува на официјалната страна на невладината организација.

Во четвртокот, еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, поддржано од 34 организации од Северна Македониј и Албанија, со апел за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност.

„Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“ , пишуваше во барањето на невладините организации од двете држави.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG