ОХРИД - Независно каква ќе биде одлуката на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, тоа е нашето културно наследство, природно богатство кое што мораме да го чуваме, рече претседателот на Владата Зоран Заев на работната посета во Охрид.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО вчера го одложи гласањето за тоа дали Охридскиот Регион треба да се стави на Листата на светско наследство во опасност. За одлуката немаше консензус меѓу делегациите што учествуваат на на 44-та седница на Комитетот во Фужоу, Кина. Делегацијата на Босна и Херцеговина поднесе амандмани на Предлог-одлуката, според кои се бара на Македонија и Албанија да им се даде уште две години за да постапат по препораките од УНЕСКО, па потоа да се одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. На ова реагираше делегацијата на Норвешка, па гласањето беше прекинато.
Комисијата за светско наследство заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија на посебна средба ќе ги надминуваат несогласувањата за амандманите, но нема рок кога би требало да се одлучува за Охридскиот Регион.
Заев е задоволен што на расправата е свртено вниманието на експертската јавност кон се она што е направено за одржување на постоечкиот статус на Охрид и Охридското Езеро како Светско културно и природно наследство и дека ќе се почитува каква и да биде конечната одлука на УНЕСКО.
„За нас е мотивација, и за државната власт и за локалната власт, да продолжиме. Сите знаеме дека Охрид ќе продолжи да се развива и мора да се развива. Не треба да биде запрен развојот на Охрид. Но, тоа мора да биде по план, така што максимална поддршка ни треба пред се од граѓаните. Каква и да биде денеска одлуката ние ќе ја почитуваме. Некојпат како што беше до пред вчера прифативме дури и ставањето под опасност значи аларм кај нас уште повеќе да бидеме фокусирани. Ќе ни биде драго и особено ќе го почитуваме ако го дадат тој дополнителен рок што ќе дискутираат таму на тие заседанија, затоа што не е ред светот да води грижа пред се за Охрид, ред е ние да водиме грижа дома и верувам дека ќе успееме“, рече Заев.
На прашањето дали се лобирало за да се добијат дополнителни рокови за исполнување на препораките посочени од УНЕСКО, Заев рече дека се работи за одлуки што ги носат професионалци, експерти во областа.
„Таму нема политика и не можете да се јавите на сите наши пријатели. Северна Македонија во овој период изгради многу силни меѓународни пријатели, но тука не е политиката во прашање. Таму се експерти со доминантно влијание на претставниците од нордиските земји. Норвешка го води целиот овој проект и е најгласна, наша пријателска земја, но не може премиерот Заев да се јави на премиерката на Норвешка. Тоа не функционира така. Врз основа на докази, на експерти, на основа на тоа што е направено дебатата е отворена, вчера траеше цел ден. Мене ме брифираат нашите државни и општински претставници за сите детали. Денеска некаде после пладне се очекува да биде донесена одлука. Но, јас сум задоволен што го свртевме вниманието и гледам дека се работи“, рече тој.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески изјави дека независно од одлуката ќе се удвојат напорите и активностите за исполнување на препораките посочени во извештаите на Реактивните мисии на Комитетот за светско природно и културно наследство.
„Ако добиеме дополнителен рок од две години, ќе продолжиме уште поодговорно, уште похрабро да работиме на имплементацијата на препораките. Она што е во наша надлежност како општина е усогласување на деталните урбанистички планови, отстранување на бесправно изградените објекти. Ние покажавме решителност и дека не се двоумиме во однос отстранувањето на дивоградбите, така и ќе продолжиме“, рече Георгиески.
Тој најави дека процесот на отстранување на дивоградбите ќе продолжи по завршувањето на летната туристичката сезона.