Линкови за пристапност

Силна волја и упорност – со физичка попреченост до највисоките врвови


Силна волја и упорност – со физичка попреченост до највисоките врвови
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:35 0:00

„90% од одговорите беа, нема шанси. Или ти тоа не можеш. Но не ме допираше тоа“ вели Љуљета Адеми, планинарка.

Но, наспроти ова Љулета Адеми од Струга, испишува историја и ги руши предрасудите. Таа е првата жена со физичка попреченост од Балканот, која успеа да ги искачи трите највисоки балкански врвови. Откако во септември 2019 година го покори најтешкиот врв, Триглав, во јуни годинава ја искачи највисоката точка на Балканот, врвот Мусала во Бугарија, за кој вели дека бил нејзин подарок, за сопствениот роденден.

„Ни беше кажано дека работи ски лифтот, но за жал не работеше. И тука мора да решиш или одиш или се враќаш, бидејќи е предолга тура. Во тој момент само стегнав заби и си реков дојдена си да го искачиш и подарокот да го добиеш“ вели Адеми.

За дваесеттина дена следуваше уште еден подвиг, врвот Олимп во Грција. Иако заминала со големи болки во ногата, желбата за успех како и поддршката од нејзиниот тренер Мишко Танески биле посилни од се. Со 25 килограми на својот грб, успеала да се качи на 2918 метри надморска височина.

„Само ми рече смири се на врвот си. Прашав неколку луѓе, пред да тргнам и толку многу ме обесхрабрија, што ми рекоа на Олимп се гине, Олимп е невозможен за тебе. Никој не ми рече можеш да го искачиш“ вели Љуљета Адеми, планинарка.

Вели да се отиде на Олимп е навистина голем предизвик.

„Кога стигнуваш до одредена точка ти немаш ни стапче ни патерица. Туку со раце и нозе и ползење се качуваш. Тука имаш качување, јажиња и цела техника. Имаше моменти кога паѓаа и насипи. Три четири камења ме удрија силно по болната нога“ вели Љуљета Адеми, планинарка.

Досега искачила повеќе од 70 врвови. Првиот бил Црн камен на планината Јабланица во 2016 година

„Кога ме видоа со штака, сите накриво ме гледаа, што бараш ти со нас. Мајка ми кога ме виде прв пат, кога дозна дека ќе одам на Црн Камен, застана пред врата, ми рече нема да одиш по планините, ќе се убиеш“ вели Љуљета Адеми, планинарка.

Љуљета, деновиве со пливање во Охридското Езеро, собираше сила за нови предизвици и нови планински врвови, но и размислувајќи како да ја подигне свеста за оваа категорија граѓани, водејќи ја кампањата „Гледај способност, не попреченост“.

Смета дека е потребна и поголема институционална поддршка од државата.

„Тоа лого и тоа знаме, ќе оди на секој врв и се надевам дека еден ден и од кровот на светот таа порака ќе се пренесе. Затоа што целта ми е да ја подигнам јавната свест и лицата со попреченсот не да ги гледаат низ призмата на милосрдие и сожалување, туку да се гледаат со соживување и поддршка. Луѓето со попреченост се дел од нашето општество. Хероите се меѓу нас. Тука се, само свртете глава, дајте можност, дајте шанса“.

Љуљета е најдобар пример, дека и покрај сите искушенија, кои животот ги носи со себе, треба да го правиш она во што веруваш. Поминала низ дваесет хируршки интервенции, а седум месеци била и неподвижна. Ја подарила дури и целата планинарска опрема.

„Кога мене во Македонија ми се спремаше ампутација па дури и смрт, комисија од десет лекари потпишаа дека јас нема шанса да ја имам ногата. Само една докторка веруваше во мене. Доаѓаше дома и со цел куфер на инструменти ја чистеше ногата и замислете таква нога вие да носите на планина. Кога се случи Триглав и рекле на мојата докторка. Кажи и на Љуљета дека од денес ние ја викаме Мис Еверест. Нека ја земе навлаката, која треба да ја ставам на нозете, бидејќи два прста се ампутирани, стапалото воопшто не го користам, и нека го искачи Еверест“ вели Љуљета Адеми, планинарка.

Таа е и прво лице со попреченост во земјава и на Балканот, која може да работи како водич на планина. Освен што е самохрана мајка, работи и како преведувач но и како советник за инклузија во кабинетот на претседателот на државата. Но нејзината животна цел и е планината.

„Би била пресреќна кога еден ден би живеела на планина и тоа би било она од што би можела да живеам“ вели Љуљета Адеми, планинарка.

XS
SM
MD
LG