СКОПЈЕ – Нема заострување на рестиктивните мерки бидејќи здравствената состојба е стабилна и има мало зголемување на бројките на новозаболени кое се должи на семејни веселби во Скопје и Тетово. Засега нема да има задолжителни ПЦР тестови на влез во државата за граѓаните кои доаѓаат од ризичните држави каде индискиот сој е раширан, иако тоа го бараа дел од епидемиолозите.
„Лесно зголемување на позитивни од тестирани за Ковид 19 има во Скопје и Тетово. Според анализите во Тетово ширењето на вирусот е поради непочитување на препораките и протоколите при организирање семејни веселби и друг тип веселби во затворен простор. И покрај бројот на активни случаи и позитивни од тестирани за Ковид 19, состојбата е стабилна, а во болниците нема притисок од хоспитализации. Комисијата за заразни болести во моментов останува на досега препорачаните мерки, кои би се заостриле во моментот кога ќе се укаже таква потреба“, е ставот на Комисијата за заразни болести.
Денеска почна и вакцинацијата на децата и млади од 12 до 17 години. Пријавени се околу над 1.800 деца, најголем број во Скопје, па потоа во Тетово и Битола. Тиеминатата недела ги добија термините за вакцинација а денеска се појавија пред вакциналните пунктови заедно со нивните родители. Процедурата е иста како и за повозрасните – лична карта и пополнување на апликација за согласност. За децата се предвидени вакцините на производителот „Фајзер“ согласно светската пракса за вакцинација на оваа група население.
Во последното деноноќие регистрирани се девет новозаболени а во моментов во државата има 221 активен случај. Најголем број се во Скопје – 85 и во Тетово – 78 случаи.Хоспитализирани се петнаесетина пациенти кои се во стабилна состојба. Од почетокот на епидемијата, 26 февруари минатата година, битката со вирусот ја загубија 5.487 пациенти
Во моментов во државата активни се три соја на коронавирусот, британскиот, бразилскиот и индискиот сој а надлежните уверуваат дека засега единствена одбрана против ширењето на епидемијата и новиот бран кој се очекува наесен е масовната вакцинација на населението.
Според последните официјални бројки на министерството за здравство вакцинирани се околу 460 илјади граѓани од кои 272 илјади се веќе ревакцинирани.
Од соседна Србија пристигна информација дека само во Врање се вакцинирани 11 илјади македонски државјани од кои 9 илјади ја примиле и втората доза.
Facebook Forum