Линкови за пристапност

Почна судењето за „Плацеви на Водно“, обвинителството бара конфискација на имотот на Груевски


Адвокатите од одбраната го оспорија обвинението, за тимот на Мијалков нема логика додека бранителите на Камчев доставија медицинска документација за негово нарушено здравје. На екс премиерот Груевски му се суди во отсуство

СКОПЈЕ – Заплена на станови и имот во Скопје и во Крушево на екс премиерот и бегалец Никола Груевска, побара обвинителката Лиле Стефанова на првото рочиште од сускиот процес за случајот „Плацеви на Водно“ каде на обвинителната клупа седат и екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков и Јордан Камчев кои беа донесени од истражнито затвор „Скопје“ во Шуто Оризари како и неговата мајка Ратка Камчева, Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачевски, кум на Груевски.

Во воедното излагање пред судскиот совет со кој претседава судијата Илија Трпков, обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази.

"Груевски беше премиер повеќе од десет години. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си. Сепак, содржината на снимените разговори упатува на сосема друга слика, дека Груевски поседува имот кој го запишувал и пријавувал на туѓи имиња, а вклучени биле и фирми регистрирани за таа намена", рече обвинителката Стефанова.

Таа пред судот изјави дека во текот на процесот лице ќе сведочи како во 2008 година експремиерот купил стан на негово име, а истото го сторил и во 2009 година.

"Ќе ги изведам сите материјални докази со кои судот ќе се убеди дека Груевски купил плац од 2700 м2, веднаш до резиденцијата на Вилна Трајковска. Таму требало да никне барокна куќа. Груевски обезбедил и два плаца во Крушево, имот кој бил негов, но не го пријавил во анкетниот лист", рече Стефанова во воведниот говор.

Бранителот на Сашо Мијалков, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ го оквалификува обвинителниот акт како апсурден, нелогичен и контруиран.

„ Перење на пари е последица на едно друго кривично дело кое мора да му претходи. Обвинителството ниту го утврдува ниту го предлага, зборувам за мојот клиент, Сашо Мијалков. Не може ниту да ги докаже неговата умисла и знаењето дека некој друг незаконито стекнал пари од партија, па му помогнал на тој начин што му предложил оф-шор компанија. Нема ни човечка логика во обвинението за мојот клиент. Еден министер за финансии, на премиер кој бил 10 години, навистина не му е потребен никој кој што ќе му обезбеди оф-шор компанија. Така што обвинението е буквално исконструирано по однос на мојот клиент“, рече Давидовиќ.

Адвокатот Еленко Миланов, кој го застапува обвинетиот Јордан Камчев, изјави дека наводните трансакции кои ги направил обвинетиот Камчев се неосновани, бидејќи трансакции, без економско вештачење не може да се користат во процесот.

„Во конкретниов случај, пред се, не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт, затоа што според она што денеска го кажа обвинителката, оној што прв ги пуштил парите во промет не може да биде обвинет, бидејќи не се исполнети законските претпоставки. Второ, слушнавме во воведниот говор нови докази, за наводни транскакции. Економски трансакции без економско вештачење како што не е најавено од Обвинителството, не може да има. Ќе докажеме дека ништо од ова не е со средства на тој начин или на било кој друг , туку дека сите средства од деловно работење на Орка компанијата“, рече Миланов кој додаде дека здравствената состојба на неговиот клиент е нарушена и за тоа е доставена медицинска документација до судот.

По воведниот говор на обвинителката, одбраната побара а судијата Трпков дозволи да разгледаат докази споменати Стефанова кои не им биле дадени на увид претходно и следното рочиште го закажа за во понеделник.

Според обвинението Груевски е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и неговата мајка, Ратка Куновска Камчева се товарат за перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Обвинителството тврди дека Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.

Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.

Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG