Линкови за пристапност

Пристигна најсовремена „коктел терапија“ за лекување на заболените од Ковид-19


Почнува вакцинацијата на деца и млади, пријавени над 1.600. Во државата се активни два или три соја на коронавирусот. По најавите за рестрикции за граѓаните кои не се вакцинирани се јави Хелсиншкиот комитет – задолжителното вакцинирање не е дискриминација

СКОПЈЕ –Северна Македонија е единствената земја во регионот која ќе ги лекува заболените од коронавирус со во моментов најсовремената терапија откако денеска пристигна пратка моноклонална „коктел терапија“ со антитела од лековите „Казиривимаб“ и „Имдевимаб“ од швајцарскиот производител „Хофман Ла Рош“ одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Од здравство соопштија дека терапијата е коктел од две моноклонални антитела кои се специјално дизјанирани да ја блокираат инфективноста од вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид 19 а со неа ќе се лекуваат пациентите кои не се хоспитализирани.

„Примената на методот на лекување за нашите пациенти, со оваа терапија во моментов не прави единствена земја на Западен Балкан за чии граѓани е достапен овој лек. Терапијата се набавува за потребите на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и ќе се аплицира кај не-хоспитализирани пациенти кои се лекуваат од Ковид 19. Со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти“, соопштија од здравство.

Според податоците на „Мој Термин“ до денеска напладне вкупно 1.623 деца и млади од 12 до 18 години се пријавиле за вакцинација и во текот на утрешниот ден ќе добијат термин за вакцинирање, кое за нив ќе почне од понеделник. Најголем број пријавени деца и млади, како што се посочува, има во Скопје и тоа во поликлиниките „Букурешт“ – 376, „Јане Сандански“ – 267, „Чаир“ – 101 и „Бит Пазар“ – 5.

„Во Тетово се пријавени 103 деца, во Битола 99, Куманово 86, Охрид 76, Велес 70, Кавадарци 53, Гостивар 49, Струмица 43, Гевгелија 40, Штип 38, Струга 25, Неготино 15, Кочани 14, а во останатите градови бројките се под 10 пријавени. По две деца се пријавени во Вевчани, Демир Хисар и Македонски Брод, а по едно во Кратово и Македонска Каменица“, инфромираат здравствените власти.

Во последното деноноќие се регистрирани 26 новозаболени од кои половина се во Скопје. Жртви нема. Според официјалните податоци во моментов се активни 225 случаи од кои 86 се во Скопје а 73 во Тетово.

Од почетокот на епидемијата, 26 февруари минатата година, битката со вирусот ја загубија 5.487 лица.

Во моментов во Северна Македонија се потврдени заболени од два типа на коронавирусот, бразилскиот сој кој е откриен кај жители на Тетово каде има два мини кластери од свадба и семејна прослава и индискиот или т.н. „Делта сој“. Единствена превенција за ширењето е вакцинацијата а викцините дејствуваат успошно против сите досега потврдени типови на Ковид.

„Присутни се два, три соја на вирусот и тоа што е битно дека принципите се исти – вакцинацијата и превенцијата која важи за сите соеви. Вкупниот број на вакцинирани еве и по поединечни групи или вкупно во државата меѓу 70, 80 и 85 проценти би било нешто што значи колективен имунитет“, изјави министерот Венко Филипче.

Од наесен, кога се очекува нов бран на вирусот, можни се рестрикции за невакцинираните граѓани а надлежните размислуваат по примерот на неколку држави во ЕУ, да се воведе вакцинален сертификат кој ќе биде неопходен за влез во кино, културни и спортски настани и настани со масовна посетеност како концерти и забави.

„Ние не можеме да воведеме задолжителна вакцинација, тоа го нема никаде во светот. Затоа мораме да размислуваме за некои алтернативни решенија, на пример да се присуствува на настани со масовно присуство, дали на затворено, дали на отворено, дали во кино, на културни настани, само со сертификат и тоа е нешто што можно е да го препорачаме од есенските месеци“, рече Филипче.

Оваа најава предивзика рекации кај граѓаните а денеска се огласи и Хелсиншкиот комитет кој е на ставот дека евентуалните рестрикции за невакцинираните граѓани не се дискриминација и не се кршење на уставните права бидејќи граѓанската обврска за масовна вакцинација е неопходна мерка заради заштита на здравјето на луѓето.

„Задолжителната вакцинација, за одредени заразни болести е веќе предвидена во Законот за заштита на населението од заразни болести,а во истиот закон, минатата година беа додадени одредби кои се однесуваат на заштита и спречување на ширењето на заразната болест Ковид 19. Имајќи го предвид ставот на стручната јавност и здравствените институции дека само со стапка на вакцинација над 95 отсто ќе се обезбеди колективен имунитет и ќе се оневозможи ширењето на вирусот помеѓу популацијата, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.

Според последните официјални информации на Министерството за здравство, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 440.299 а ревакцинирани се 259.894 граѓани.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG