ХАВАНА, (Ројтерс) - Куба вчера објави дека привремено ги укинува ограничувањата за храна и лекови што патниците може да ги внесат во земјата со очигледна мала отстапка за барањата на демонстрантите кои излегоа на улица минатиот викенд.
Илјадници се приклучија на бранот протести на целата територија за недостиг на основни добра, ограничување на граѓанските слободи и справувањето на владата со новите случаи на ковид-19 во неделата, во досега најзначајните немири во последните неколку децении во оваа земја управувана од комунистите.
Владата ги обвини протестите дека се „финансирани од САД„ кои ги искористија тешкотиите предизвикани од децениското трговско ембарго на САД, што Вашингтон дополнително го заостри среде пандемија, туркајќи ја кубанската економија на работ.
Неколку земји како и Обединетите нации ја повикаа владата да го почитува правото на граѓаните на слободно изразување. Мексико пак мисли дека најдобриот начин да им се помогне на кубанскиот народ би било САД да ги ублажат санкциите.
Во Куба, се’ поголем број на врвни уметници го критикуваа постапувањето на властите со немирите, повикувајќи ги да ги слушнат демонстрантите, наместо да се борат против нив.
Официјалните лица ја обвинија кампањата на социјалните мрежи под хаштагот #SOSCuba, повикувајќи на хуманитарна помош, велејќи дека таа е покрената од платеници поддржани од САД, кои сакаат да ја дестабилизираат оваа земја управувана од комунистите.
Тие ја споредија ситуацијата со Венецуела во 2019-та година, што заврши со насилен судир на границата со Колумбија
Сепак, едно од барањата на протестот беше владата да ги укине царинските ограничувања на храна, лекови и хигиенски производи што недостасуваат во земјата во услови на најтешка економска криза од падот на поранешниот сојузник Советскиот сојуз.
Премиерот Мануел Мареро во средата изјави дека владата ќе го стори токму тоа од следниот понеделник, укинувајќи ги ограничувањата до крајот на годината.
„Тоа беше барање на многу патници и беше потребно да се донесе оваа одлука“, рече тој на тркалезната маса на државната телевизија, заедно со претседателот Мигел Дијаз-Канел.
Дијаз-Канел рече дека има три вида демонстранти; контрареволуционери, криминалци и оние со легитимни фрустрации. Државната телевизија прикажувала снимки на толпа народ како ограбуваат продавница и напаѓаат празен полициски автомобил.
Претставници на Министерството за внатрешни работи во една програма подоцна емитувана на телевизија изјавија дека некои од приведените ќе бидат гонети за злосторства како поттикнување на насилство, презир, грабеж и оштетување на јавен имот, кои носат долги затворски казни.
Повеќе од 200 лица беа приведени за време на протестите, а само мал број се ослободени досега.
Facebook Forum