СКОПЈЕ - СДСМ ги објави имињата на триесет кандидати за градоначалници на претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври. Листата на имиња беше потврдена на седницата на Извршниот одбор (ИО) која заврши предмалку. На неа речиси и да нема нови имиња, а клучно за кандидатурите биле анкетите спроведени меѓу граѓаните.
„По спроведените анализи на мислењето на граѓаните, анализата и истражувањата и консултациите со нашето членство целосно се завршени и со одлука на раководството се дефинирани првите 30 кандидати од редовите на СДСМ. Сите овие кандидати кои ги објавуваме во првата фаза се дел од најдоброто, чесни одговорни со конкретни планови и решенија. Нема поголема обврска од тоа да им се служи на своите граѓани“, рече премиерот Зоран Заев.
Петре Шилегов ќе биде фаворитот на владечката партија за градоначалник на Скопје. Покрај него втор мандат ќе бараат и актуелните градоначалници на Кисела Вода, Бутел и Арачиново - Филип Темелковски, Велимир Смилевски и Милкије Халими.
Актуелните градоначалници на Штип , Сашко Николов и Охрид, Константин Георгиевски, се најдоа во првите заклучени кандидатури.
Од триесетте кандидати нови се само двајца, Славчо Пандурски кој ќе се бори во Пехчево и Стојан Николов во Росоман а само три се жени
Останатите кандидатури се следните : Богданци – Благојчо Шапов, Босилово – Зоран Зимбаков, Валандово – Перо Костадинов, Вевчани – Сашо Јанкоски, Виница – Ивица Димитров, Градско – Роберт Бешовски, Делчево – Горан Трајковски, Демир Капија – Лазар Петров, Дојран – Анго Ангов, Зелениково – Борче Гиевски, Карабинци – Јордан Насев, Конче – Благој Илиев, Крушево – Томе Христоски, Маврово и Ростуше – Медат Куртовски, Лозово – Ацо Велковски, Новаци – Љубе Кузманоски, Пробиштип – Драган Анастасов, Петровец – Елизабета Зеленикова, Ресен – Живко Гошаревски, Старо Нагоричане – Жаклина Јовановска и во општина Чашка – Горан Стојановски.
Објавувањето на кандидатите за градоначалнициќе оди етапно и во три фази заклучно со крајот на август кога ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите за советници. За триесетте општини за кои вечерва се објавени кадидатите, премиерот Заев тврди дека не се фаворизирани, и дека има општини каде СДСМ типува на сигурна победа а каде дополнително ќе се верифицира кандидатот.
„Како ги завршуваме наредните анализи и анкет и како се носат одлуките на раководството така ќе ги соопштуваме во јавност. Не станува збор за фаворизирани општини, за оштините за кои сигурно знаеме дека ќе победиме како Струмица, Центар, Карпош и Куманово, ќе ги објавиме во следните фази бидејќи постапките ќе завршат во текот на овој и почетокот на идниот месец. Во втората фаза на почетокот на август ќе бидат објавени дел од кандиатите а третата фаза ќе биде на крајот на август кога ќе биде затворена и листата на советници“, објасни Заев.
Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ по објавувањето на листата на кандидатите соопшти дека СДСМ ќе претпри пораз на претстојните избори бидејќи оди со „исти истрошени кадри“.
Facebook Forum