Врвниот американски генерал во Авганистан се повлече од функцијата во понеделникот, откако талибанските борци продолжија да бележат напредок.
Администрацијата на Бајден соопшти дека официјалниот датум на повлекувањето на американските војници ќе биде 31-ви август, но откажувањето на генералот Остин „Скот“ Милер може да се протолкува како симболичен крај на повлекувањето на трупите.
Шефот на Централната команда на САД, генерал Френк Мекензи пристигна во Кабул рано во понеделникот за да ја преземе командата со преостанатите сили при „кратката“ церемонија на трансфер на командата, која вклучува предавање на знамето, изјави за Гласот на Америка американски одбранбен претставник.
Повлекувањето е завршено „повеќе од 90 проценти“, според Централната команда на САД. Повеќето американски трупи и опрема заминаа, а помалку од илјада војници останаа да ја штитат амбасадата на САД и да помогнат во обезбедувањето на меѓународниот аеродром во Кабул.
„Нема значителна разлика во однос на начинот на кој работиме во Авганистан“, додаде официјалниот претставник на одбраната.
Мекензи веќе имаше надлежност над американските воени операции во Авганистан и неколку други соседни нации како шеф на ЦЕНТКОМ, и тој ќе го продолжи својот надзор од неговиот штаб во САД, додека офицерот со две ѕвездички, заменик адмирал Питер Васели помага да ја надгледува мисијата на теренот.
Милер имаше најдолг стаж на американски воен офицер во авганистанската војна. Тој служеше околу три од скоро 20 годишното воено учество на САД, надгледувајќи го повлекувањето по договорот со администрацијата на Трамп во февруари 2020-та година со талибанците и конечното повлекување што го побара претседателот Џо Бајден во април.
Мекензи сепак ќе може да нареди американски воздушни напади против талибанците доколку се потребни како поддршка на авганистанската влада до крајот на август. Но, по завршувањето на повлекувањето, воздушни напади на САД во Авганистан единствено ќе имаат задача да ги поддржат антитерористичките операции против Ал Каида и Исламска држава, рече тој за Гласот на Америка во неодамнешното интервју.
Во неделата, секретарот за печат на Пентагон, Џон Кирби, за емисијата „Фокс Њуз Сандеј“ изјави дека САД „со длабока загриженост гледаат“ како талибанските бунтовници ја преземаат контролата на територијата во Авганистан, додека американските сили се повлекуваат според наредбите на претседателот Џо Бајден.
Facebook Forum