„Веќе ги сумирам искуствата и впечатоците од Авганистан. Ние бевме во една база која беше прилично безбедна. Нашата секојдневна комуникација беше заедно со нашите пријатели од НАТО, од различни земји“ изјави Атанас Поп Стефанија, член на македонскиот медицински тим во Авганистан.
Тој беше дел од шестчлениот македонски медицински тим составен од тројца лекари специјалисти и три медицински сестри, кој со медал за успешно завршената работа, неодамна се врати од мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Тие беа дел од норвешката теренска болница во Кабул.
Пред заминување за Авганистан, каде останаа три наместо шест месеци, поминаа двомесечна обука за воена хирургија во Норвешка.
„Со Норвежаните имавме успешна соработка и во процесот на предупатна обука, а и во самото работење во Авганистан. Правилата кои ги наметнаа успешно ги следевме, а исто така обврските и одговорностите“ вели Поп Стефанија.
Раскажува дека искуствата кои ги стекнал таму, специфичноста на повредите, начинот на лекување, како и реткоста на пациенти кои не можат да се видат во останатиот цивилен свет му се повеќе од драгоцени.
„Нашата улога таму беше веднаш штом пациентот го донесат во најкраток можен рок, да ги направиме соодветните прегледи и да го започнеме примарниот и секундарниот третман на пациентот. Повредите беа типични воени повреди. Станува збор за огнострелни повреди, станува збор за експлозии, повреди стекнати од шрапнели итн. Беше предизвик, но за време на обуката ние го добивме потребното знаење и искуство, за да се соочиме со такви повреди“ вели Поп Стефанија.
Директен контакт со авганистанското население немале. Единствено само со повредени пациенти, припадници на Авганистанската национална армија.
„Ние бевме во самиот град. Базата беше прилично безбедна, но во околината на Кабул имаше одредени инциденти, но ние се чувствуваме крајно безбедни. Надвор од базата не беше дозволено да се излегува и добро е што беше така. Одвреме навреме можеа да се слушнат детонации“ вели Поп Стефанија.
Подготвен е за нови вакви предизвици и нови мировни мисии.
„Се надевам дека ова искуство ќе го искористам јас лично но ќе го искористи и македонската армија, ќе го искористи нашата држава, да изградиме поголеми државни капацитети кои ќе бидат на располагање на НАТО и дека во иднина ќе имаме и нови мисии, каде ќе може да се упатиме и да партиципираме“ вели Поп Стефанија.
Атанас веќе девет години работи како ортопед хирург во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо во Охрид. Сака своето искуство да им го пренесе и на своите колеги, но вели дека сето ова му отвара нови врати.
„Има разговори за соработка и за практицирање на медицина во Норвешка. Се разбира дека ги отвора вратите. Меѓутоа тоа е еден голем предизвик и би сакал уште малку да размислам. Моја примарна цел е да останам во Охрид и Македонија“ вели Поп Стефанија.
Ова беше првиот медицински тим во мисија на НАТО откако државата стана членка на алијансата. Северна Македонија ги повлече сите свои војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.
Во изминатите 19 години, почнувајќи од 2002 година, Армијата во рамките на воените мисии „ИСАФ“, а потоа и мисијата наследник „Одлучна Поддршка“ учествуваше со 3500 припадници. На овој начин АРМ беше дел од најголемата коалиција во историјата на НАТО.