Министерот за здравство на Франција рече дека очекува високо заразната варијанта Делта на корона вирусот да стане доминантна во оваа земја веќе од утре.
Во интервју за француското радио министерот Оливер Веран рече дека варијантата Делта која првично беше детектирана во Индија веќе сочинува речиси 50% од новите случаи на Ковид-19 во Франција. Оваа варијанта е за 60% позаразна од оригиналниот вирус.
Веран исто така рече дека очекува четврти бран на Ковид-19 да ја погоди Франција, веќе кон крајот на овој месец. Тој најави дека Владата на состанок во понеделник ќе дискутира за заканата, а меѓу другото и за тоа дали ќе наложи вакцините да бидат задолжителни за здравствените работници.