Линкови за пристапност

Талибанците тврдат дека контролираат најголем дел од Авганистан


(Москва, Ројтерс) Делегација на Талибанците во Москва изјави дека групата контролира над 85% од територијата на Авганистан. Групата ја уверуваше Русија дека нема да дозволи земјата да биде користена како платформа за напади на други држави.

Тврдењето на Талибанците дека контролираат голем дел од земјата, а кое го оспорува авганистанската Влада, е невозможно независно да се потврди.

Странските сили, вклучувајќи ги и САД, се повлекуваат по речиси 20 годишни борби, чекор кој ги поттикна Талибанците да се обидат да освојат нови територии во Авганистан.

Ова поттикна стотици претставници на авганистанските безбедносни сили и бегалци да преминат преку границата во соседен Таџикистан. Сето тоа ги зголеми стравовите во Русија и други држави дека исламистички екстремисти ќе се инфилтрираат во централна Азија, регион кој Русија го гледа како непосредно соседство.

На прес конференција во Москва тројца претставници на Талибанците сигнализираа дека тие не претставуваат закана за поширокиот регион.

Тие изјавија дека ќе направат се за да спречат операции на Исламска држава на територијата на Авганистан и дека ќе се обидат да го искоренат производството на дрога.

„Ќе ги преземеме сите мерки за Исламска држава да не оперира на авганистанска територија, нашата територија никогаш нема да биде искористена против нашите соседи“ изјави претставникот на Талибанците, Шахабудин Делавар.

Министерството за надворешни работи на Русија повика сите страни во конфликтот во Авганистан да покажат воздржаност.

XS
SM
MD
LG