Линкови за пристапност

Европа поделена околу вакцинирањето деца


СЗО советува дека е поитно да се донираат вакцини за земјите за нивните возрасни отколку да се вакцинираат тинејџери и деца

Европските земји се поделени околу прашањето дали да се администрираат вакцини кај тинејџери, бидејќи алармот се зголемува за можен четврти бран на инфекции во Европа.

Шеснаесет земји, вклучително Франција и Италија, сега вакцинираат деца над 12-годишна возраст или планираат да го сторат тоа; додека 17 земји се одлучија против. Други четири земји остануваат неодлучни.

Вакцинирањето деца е сè повеќе спорно прашање во Европа посебно сега со брзото ширење на варијантата Делта, која за прв пат беше откриена во Индија.

Француската влада во средата предупреди дека Франција ја гледа заразната варијанта Делта како брзо се шири низ целата земја. „Ризикот од брз четврти бран е тука“, рече владиниот портпарол Габриел Атал на брифинг со медиумите во средата. Варијантата Делта сочинува 40 отсто од новите инфекции во Франција, рече тој, што е за 20 отсто повеќе од минатата недела.

Единаесет француски региони известуваат дека стапката на инфекции скокнала во текот на изминатите седум дена, рече Атал. Франција е една од најтешко погодените земји во Европа со над 111 илјади смртни случаи.

Околу 64 отсто од возрасната популација во Франција примила барем една доза на вакцина, а нешто помалку од 50 отсто се целосно вакцинирани, според владините здравствени власти. Но, владата се бори со колебливоста на вакцините.

Како и другите европски земји, Франција се бори да го одржи високото темпо на вакцинирање. Минатиот месец, беше одобрено тинејџерите подобни за вакцинација да можат да се вакцинираат но, под услов да имаат родителска согласност.

Ризици наспроти придобивките

Студија за седум земји објавена во март од страна на британското медицинско списание „Лансет“, покажа дека две на милион деца починале поради ковид. Оние кои се против вакцинирање на тинејџери, тврдат дека ризиците од несакани реакции се поголеми од придобивките.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести, наведува важни размислувања што треба да ги земат предвид националните власти за јавното здравје во ЕУ при вакцинирање на адолесценти. Нагласуваат дека адолесцентите веројатно ќе имаат малку директни придобивки од вакцинирањето; иако додаваат дека инокулирањето на младите може да го зголеми целокупниот имунитет на населението и да го намали ширењето на вирусот.

СЗО советува дека е поитно да се донираат вакцини за земјите за нивните возрасни со поголем ризик, додека на глобално ниво е помалку итно да се вакцинираат тинејџери и деца. Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус, на почетокот на оваа година ги нарече приоритетите на групите со низок ризик, како што се децата, посебно во богатите земји „морална катастрофа“.

„Разбирам зошто некои земји сакаат да ги вакцинираат своите деца и адолесценти, но сега е поважно да размислат и наместо тоа да донираат вакцини онаму каде се потребни“, додаде тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG