Линкови за пристапност

Венко Филипче за Гласот на Америка: Засега нема да има враќање на рестриктивните мерки


Интервју со министерот Венко Филипче
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:42 0:00

Можно е да се заразат и граѓани кои се вакцинирани, меѓутоа сигурно дека формата на болеста нема да биде тешка

Глас на Америка: Актуелно е случувањето со Делта сојот и во регионот и кај нас. Како вие ќе се справите со Делта сојот, кој полека тропа и на нашата врата?

Венко Филипче: „Корона вирусот е од типот на вируси РНКА и карактеристично за тој тип на вируси е дека може да мутира, секогаш кога ќе наиде на некоја препрека, дали тоа што одреден број се веќе заразени во некоја средина или има некакви превентивни мерки, тој мутира. И ,тоа е нешто што не е неочекувано. И, за тоа кога разговараме што треба да препорачаме, какви мерки треба да се преземат, на прво место се карактеристиките на предизвкувачот. И, во таа смисла во овој момент, сметаме дека она што сега го имаме како мерки и препораки за собири на отворено, собири на затворено, задолжително носење на маски во затворен простор, посебно сега кога во летните месеци, луѓето се повеќе надвор се сосема доволно. Со акцент на тоа што повеќе граѓани треба да се вакцинираат, зошто, поради тоа што каква и да биде мутацијата на вирусот и во следниот период и во есенските месеци, доколку имаме доволен процент на вакцинирано население, нема да имаме проблем со затрупани болници и голем број на пациенти. Можно е да се заразат и граѓани кои се вакцинирани, меѓутоа сигурно дека формата на болеста нема да биде тешка“.

Глас на Америка: Повеќе држави полека ги враќаат рестриктивните мерки. Што планирате вие?

Венко Филипче: „За сега нема да има враќање на рестриктивните мерки. Гледаме што се сучува во другите држави. Во Австралија на пример и покрај тоа што има рестрикција во одредени градови, има огромен пораст на ново дијагностицирани случаи. Ја пратиме ситуацијата. Доколку треба, сигурно нешто ќе препорачаме, но засега сметам дека не треба“.

Глас на Америка: Важиме за една од најлибералните држави. Не е потребен влез во земјава со ПЦР тест. Имаме концерти на отворено, свадби во затворен простор. Размислувате ли можеби за брзо време барем да се вратат рестриктивните мерки за овие работи?

Венко Филипче: „Ситуацијата е прилично мирна и стабилна. Нема никаква најава дека има зголемување на бројот на прегледи и приеми во болниците. И, тоа е еден од параметрите зошто сметаме дека вака треба да остане. Во секој случај ќе ја пратиме ситуацијата и доколку треба нешто ќе препорачаме. Во регионот и околните земји е слична политиката. Грција е нешто поинаку. Но, таму и покрај што се бараат потврди за вакцина, има пораст на случаите. Ја пратиме кај нас ситуацијата и останува ваква како што е“.

Глас на Америкa: Сепак, ве плаши ли ситуацијата и актуелните случувања?

Венко Филипче: „Доколку имаме голем број на вакцинирани граѓани и опфат со вакцина од 70-80 отсто, ние од сега па натаму ќе живееме нормално. Затоа ништо не треба да не плаши, ако сме вакцинирани во сосем доволен број за да постигнеме колективен имунитет“.

Глас на Америка: Што можеме да очекуваме од наесен во однос на Делта сојот?

Венко Филипче: „Секогаш кога луѓето се враќаат во затворени простории има дополнителен ризик фактор. Тоа е нешто кое ќе го евалуираме, како одминува времето“.

Глас на Америка: Но, дали сме подготвени, со оглед на искуствата од претходните три брана?

Венко Филипче: „Во делот на организација на болниците, да. Со целосно спремни капацитети и кадар спремен за ротација. Со сосема доволна количина на лекови, брзи тестови, ПЦР тестови. Но, јас се надевам дека до тоа нема да дојде. И, да има некаков бран на ново дијагностицирани, се надевам на висок степен и опфат на вакцинација, што значи дека таа болест ќе може да се помине и на нога, како некоја форма на настинка. И, тоа е нешто што сите земји во светот го посакуваат. Како ќе се одвива епидемијата и до кога ќе трае, има различни најави и проценки, следните две или три години. Дали ќе премине во ендемска болест, тоа се работи кои ќе ги видиме. Но, сепак она што е различно од лани е што сега имаме вакцини. И затоа постапуваме поинаку“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG