Линкови за пристапност

Потврдени уште четири случаи на заболени од индискиот сој


Во моментов активни се седум случаи на т.н. „Делта сој“. Засега не се планира воведување на рестриктивни мерки. Од следната недела доброволна вакцинација на деца на возраст од 12 до 16 години со вакцините на „Фајзер“

СКОПЈЕ – Четирите тестови кои вчера се испитуваа во лабораторијата на МАНУпотврдија дека лицата се заболени од индиската мутација на коронавирусот или т.н. „Делта сој“. Станува збор за два пара сопружници кои се вратиле од странство. Во моментов со нив работат епидемиолози кои ги лоцираат сите нивни контакти.

„Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти иизолација“, рече Филипче.

Според официјалните информации на здравствените власти, ниту еден од седумте активни случаи на „Делта сојот“ не се вакцинирани и биле во странство. Шестмина имаат лесна клиничка слика додека еден, кој е хоспитализиран повеќе од недела дена, е приклучен на респиратор.

Директорот на генетската лабораторија на МАНУ, професор Александар Димовски, нагласи дека мора да се интензивира вакцинацијата и дека засега нема потреба од рестирктивни мерки и затварање на државата.

„Со сигурност знаеме дека вакцинацијата спречува развој на тешка форма на болест. Вакцинран кој се разболел може да го шири вирусот но ќе има апсолутно блага клиничка слика. Ќе помине со еден ден температура дома и не го оптеретува здравствениот систем. Затоа нема потреба од затварање на државата. Сите вакцини спречуваат, во најголем процент, најтешка форма на болеста, хоспитализација и смрт“ изјави Димовски.

Министерот Филипче повтори дека до крајот на неделата Комисијата за заразни болести ќе се состане и ќе разговара околу евентуално воведување на задолжителни тестови при влез во државата.

„Комункацијата со членовите на Комисијата за заразни болести тече и до крајот на неделава ќе дискутираме дали сегашнава состојба бара воведување на нови рестриктивни мерки. ПЦР-тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест – тоа што е стандардно и во некои од другите земји, но мора да кажам и дека ќе видиме како ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мора да се мерките усогласени“, рече Филипче.

Епидемиолозите се децидни, тестови на граница мора да има. Тие очекуваат наесен забрзано ширење на идниската мутација во земјава.

„Поставувањето на мерки на границите како брзи тестови е прва заштита, втора барира е кога ќе влезе вирусот да се спречат сите негови патишта, епидемиолозите морат да ги индетификуваат контактите и да се стават под надзор. Делта сојот ќе се рашири во земјава, но не мислам дека тоа ќе придонесе катастрофални последици со преполнување на болниците.Тој повторно ќе проструи низ населението, но сметам дека не треба да не фаќа паника што ќе стане на есен“ изјави епидемиологотДраган Даниловски во „Студио 10“.

Од понеделник покрај можноста сите граѓани да се вакцинираат во некој од пунктовите низ државата без добиен термин ќе стартува и вакцинацијата на децата од 12 до 16 години со вакцината на производителот „Фајзер“. Вакцинацијата ќе биде на доброволна база.

„Утрово разговаравме со членовите на Комитетот за имунизација и нема да има потреба од закажување бидејќи пунктовите од понеделник ќе бидат отворени. Секаде ќе има вакцини на „Фајзер“. Доволно е да исконтактираат со медицинските лица на пунктовите или педијатрите во здравствените домови. Единствено останува родителите со децата да дојдат по своја воља и да се вкацинираат“, објасни Филипче.

Во последното деноноќие се регистрирани девет новозаболени а заклучно со вчера се вакцинирани 390 илјади граѓани, од кои 240.000 се ревакцинирани. До крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60.000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија а здравствените власти очекуваат оваа бројка до крајот на неделата да се искачи на 500 илјади.

„Делта сојот“ забрзано се шири во соседна Грција каде летуваат голем број на македонски државјани. Во изминатите 24 часа грчките власти регистрираа 1797 новозаразени и осум жртви. Најголем број од заболените се млади лица и се заболени од индиската мутација па затоа грчката Влада ги повика младите масовно да се вакцинираат.

Делта варијантата забрзано се шири и низ Европа. Во Шпанија и Португалија за влез во дискотеки е потреба потврда за вакцинација а носењето на маска е задолжително.

Според последните испитувања на глобално ниво „Делта сојот“ во затворени простории е за 60 отсто попренослив од останатите мутации а во воздухот може да лебди и до 16 часа па затоа е неопходно често проветрување. Споредено со првиот вид на Ковид-19 за кој беа потребни 15 минути директен контакт за да се заразите, сега со „Делта сојот“ се потребни 15 секунди.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG