Линкови за пристапност

Преспа форумот испрати јасна порака до ЕУ, дека проширувањето на ЕУ не е техничко туку гео-стратешко


Преспа форумот испрати јасна порака до ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:10 0:00

За разлика од порано, кога била забележителна воздржаност во однос на политичките пораки, политичарите од Балканот и пошироко сега биле едногласни, дека прашањето со евроинтеграциите мора брзо да се реши

Преспа форумот за дијалог според најавите на организаторите ги дал своите очекувања. Повеќе од 300 учесници помеѓу кои и познати високи дипломати од Европа и САД, го изразија својот став дека земјите од Западен Балкан, треба што е можно побрзо да се интегрираат во ЕУ.

Токму една од главните пораки која одекна од Охрид е дека забавувањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан ја ослабнува довербата во ЕУ во овој регион и остава простор за национализам и влијание на трети земји.

„ЕУ и сите 27 држави членки мора да работат одново да го воспостават тој кредибилитет во Западен Балкан. Неодлучноста и не конзистентноста на ова прашање ги заслабнува напорите и на САД и на останатите во овој регион, и им одговара на оние кои сакааат да создадат несогласие во трансатлантската заедница. Се надеваме дека ЕУ ќе ги одржи меѓу владините конференции со двете земји“, рече Филип Рикер, помошник државен секретар на САД за Европа.


Поддршката која Македонија ја доби од сите учесници, беше многу отворена и директна рече Сашо Орданоски, панелист на конференцијата.

„Јас сум бил на многу конференции, меѓутоа ретко кога сум видел вака отворени и директни пораки, до извесна мера дури и брутални политички пораки кои ги испраќаат највисоките функционери на балканските држави. Говорот на претседателот Пендаровски, на Пахор, на Филип Рикер, па дури и на поранешниот евро комесар за проширување Хан, па дури и на Ѓукановиќ“, изјави тој.

Орданоски додава дека за разлика од порано, кога била забележителна воздржаност во однос на политичките пораки, политичарите од Балканот и пошироко сега биле едногласни, дека прашањето со евроинтеграциите мора брзо да се реши.

„За Брисел ова е само едно повторување на сите, но со пораки дека нервите се при крај. Овој пат јасно и Хан говореше дека проблемот е на европска страна и дека балканските земји испорачале тоа што ветиле дека ќе испорачаат“.

„Она што за нас е важно што во неколку наврати беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ не е техничко, туку важно гео-стратешко прашање за кое е потребно соодветно внимание и политичка волја од сите актери“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој додаде дека она што ќе остане како придобивка од овој форум е што се потврдил авторитетот на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

„Добивме потврда практично од целиот свет дека без разлика на предизвиците пред кои се исправени, овие договори претставуваат модели за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, демократијата овде на Балканот. Во иднина тоа ќе биде и нашиот придонес кон регионот како земја која ќе нуди решенија за сите актуелни предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот“, додаде тој.

Ден пред почетокот на форумот, од Охрид беше лансиран форматот Б6 односно Балкан 6, кој има за цел брза, непосредна и ефикасна комуникација за сите отворени прашања помеѓу министрите за надворешни работи. Најавите се дека наредната година Охрид повторно, ќе биде домаќини на Преспа Форумот за дијалог.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG