Линкови за пристапност

Бајден на состанок со повеќе гувернери за подготвеноста за справување со шумски пожари


Американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара со група гувернери на осум сојузни држави од западниот дел на САД за подготвеноста за справување со шумски пожари додека регионот се соочува со голема суша.

Бајден и претставници на Белата куќа ќе разговараат со гувернерите преку видео конференција.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека во фокусот на состанокот ќе бидат начините на кои федералната влада може да помогне во јакнење на подготвеноста за справување со шумски пожари.

На состанокот треба да присуствуваат гувернерите на Калифорнија, Колорадо, Ново Мексико, Невада, Орегон, Вашингтон кои доаѓаат од Демократската партија, како и на Јута и Вајоминг од Републиканската.

Нема да бидат присутни тројца гувернери од овој регион кои доаѓаат од редовите на Републиканците – на Аризона, Ајдахо и Монтана.

Гувернерот на Монтана Грег Гинафонте на Твитер напиша дека е разочаран што од новинарите дознал дека претседателот не ги поканил Монтана и други сојузни држави кои се соочуваат со сериозна сезона на шумски пожари.

Националниот центар за справување со пожари кој ја координира мобилизацијата на ресурси предупреди дека многу држави од западот на САД се соочуваат со голема опасност од шумски пожари во следните неколку месеци.

Големи делови од Аризона, Калифорнија, Ново Мексико, Невада и Јута се соочуваат со исклучително сериозна суша.

XS
SM
MD
LG