Линкови за пристапност

Бројот на загинати во урнатата зграда на Флорида се искачи на 12


Спасувачките екипи потврдија дека има и 12-та жртва во делумно урнатата зграда во Сурфсајд, Флорида.

Градоначалничката на округот Мајами, Даниела Левин Кава, пред новинарите изјави дека спасувачите продолжуваат со потрагата и дека 149 луѓе се уште се водат за исчезнати.

Околу половина од зградата од 12 ката во која имало 136 станови се урна минатиот четврток, а оттогаш спасувачите полека пребаруваат низ урнатините користејќи кранови, инфрацрвени скенери и кучиња.

Левин Кава вели дека спасувачите продолжуваат со „храбрата и многу тешка задача при тоа изложувајќи се себе си на опасност“.

„Работат без престан речиси шест дена“ рече таа.

Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден во четврток треба да го посетат Сурфсајд.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека претседателот и првата дама сакаат да им се заблагодарат на оние кои „работат неуморно и без престан“, да се сретнат со семејствата на исчезнатите.

Псаки рече и дека претседателот ќе зборува со локалните и со властите на Флорида за да се осигура дека тие ги имаат сите ресурси кои им се потребни.

Од канцеларијата за менаџмент на вонредни ситуации на округот Мајами велат дека повеќе од 50 агенции и 900 работници се вклучени во операции на местото на уривањето.

XS
SM
MD
LG