Линкови за пристапност

Нема почеток за преговори со Скопје и Тирана, потврди Брисел


Брисел официјално потврди дека нема почеток на преговори со Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, а преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија, напиша на Фејсбук премиерот Зоран Заев

Состанокот на европските лидери во Брисел заврши без, како и што се очекуваше, каков било формален заклучок поврзан со можноста за старт на преговори за членство со Скопје и со Тирана.

Тоа значи дека остануваат заклучоците на министерско ниво во кои се изразува уверување дека „идното, словенечко претседателство, врз основа на напорите на португалското претседателство, ќе биде успешно за да се отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија“.

Дека Бугарија ќе игра „тврдо“ и дека нема да попушти под сугестиите и притисоците на останатите членки најави самиот претседател Радев, пред вчерашниот старт на Самитот.

„Нема начин да се каже „да“ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривената слика за Бугарија – од учебници, музеи, споменици до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме „да“, сè додека не бидеме убедени дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“, рече бугарскиот претседател Румен Радев.

Премиерот Зоран Заев денес одговори, преку објава на Фејсбук.

„Европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди“, напиша Заев.

Опозицијата не отстапува од тврдењето дека во позадина се преговара за идентитетските прашања.

„Опозицијата е единствената која се обидува да ги подобри овие процеси пимарно преку утврдување на тоа за што не смее да се преговара – идентитет, историја, македонски јазик, национални малцинства. Не чувствувам дека владата стои цврсто зад овие позиции“, рече Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата најавува дека и покрај јунскиот неуспех ќе продолжи да биде проактивна.

„Прашањето во билатералните спорови не е само што можете вие да направите, прашањето е што ќе направи и втората страна, и не можете вашиот оптимизам да го искористите за да ја сработите нивната задача. Мислам дека попаметниот пристап е дека зад нас е голем успех – станавме членка на НАТО зашто носевме паметни одлуки. Ќе продолжиме да носиме паметни одлуки и да водиме вистински политики“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Наредната шанса за некаков пробив на почетокот на октомври кога, под словенечкото претседателство со ЕУ, ќе се одржи самит меѓу Унијата и Западен Балкан.

Евентуалниот позитивен развој на ситуацијата може да се ефектуира две недели подоцна во Брисел кога ќе заседава врвот на Унијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG