Побарувањата за бенефиции од невработеност во САД благо се намалија минатата недела, објави денес Одделот за труд.
Најголемата светска економија е на пат кон закрепнување од пандемијата на коронавирус, но и покрај тоа, 411 илјади нови работници минатата недела поднесоа барање за надомест на невработеност, што е за седум илјади помалку од ревидираната бројка од претходната недела, соопшти агенцијата.
Ова е втора недела по ред кога бројот надминува 400 илјади, кој е далеку над неделниот просек од помалку од 300 илјади во 2019-та година пред пандемијата.
Гувернерите на некои држави како и општинските службеници ставија крај на ограничувањата со пандемијата. Деловните субјекти за прв пат целосно се отвораат за клиентите. Тоа може да доведе до поголемо вработување.
Повеќе од 56 отсто од возрасните во САД сега се целосно вакцинирани против коронавирусот, зајакнувајќи го економското закрепнување, иако темпото на инокулации значително опадна од својот врв пред неколку недели.
Многу држави сега нудат различни стимулации за да ги намамат невакцинираните да се инокулираат, вклучително и лотарии со награди во готовина како и бесплатна школарина на колеџ. Сепак, Белата куќа соопшти оваа недела дека не очекува САД да ја исполнат целта на претседателот Џо Бајден за вакцинирање на 70 отсто од возрасните Американци со најмалку една вакцина до празникот на Денот на независноста на 4-ти јули. Реалниот број сега е 65,6 отсто.
Во САД отворени се нови 559 илјади работни места во мај, повеќе од дупло од 266 илјади во април. Сепак, според Владата, околу 9,3 милиони луѓе се уште се водат како невработени во САД.
Претседателот на Федералните резерви Џероми Пауел изјави пред Конгресот оваа недела дека економијата на САД продолжува да покажува „трајно подобрување“ со тековните зголемувања на бројот на достапни работни места. Но, тој изрази загриженост дека заздравувањето останува нерамномерно, а невработеноста најмногу ги повредува работниците со пониски плати, Афроамериканците и Латиноамериканците.
Со повторното отворање на деловните активности, многу работодавци пријавуваат недостаток на работници, особено за работни места со пониски плати, како што се сервери во ресторани и работници за малопродажба.
Многу бизниси се жалат дека не можат да најдат доволно апликанти. Стапката на невработеност падна на 5,8 отсто во мај, сè уште поголема од стапката на 3,5 отсто во март 2020-та година пред да се прогласи пандемијата.
Федералната влада одобри испраќање на 300 американски долари неделно дополнителна помош за невработените до почетокот на септември.
Но, најмалку 25 од 50 вкупно држави во САД, сите предводени од републикански гувернери, ставија крај на учеството во федералната програма за плаќања, тврдејќи дека со помошта им се дава на работниците да заработат повеќе пари отколку што би направиле со враќање на работа и на тој начин му штетат на закрепнувањето.
Некои економисти велат дека, сепак, постојат и други фактори кои ги спречуваат луѓето да се вратат на работа, како што се недостаток на грижа за децата или страв од заразување со вирусот.
Facebook Forum