Линкови за пристапност

Авганистан: Американците се повлекуваат, Талибанците добиваат на сила


Повлекувањето на американските сили од Авганистан е завршено до половина, а земјата е зафатена со насилства додека Талибанците ги прошируваат своите активности. Сето ова се случува во време кога е најавена средба меѓу американскиот и авганистанскиот претседател.

Во далечината се слушаат пукотници додека Талибанците ја преземаат контролата во Кундуз, северната провинција на Авганистан која граничи со Таџикистан.

„Ситуацијата во Кундуз е многу лоша, не е безбедно, има многу повредени во болниците“ вели Абдул Рахим, локален жител.

Талибанците напредуваат додека американските трупи се повлекуваат, крајниот рок за целосно заминување е септември.

Досега бунтовниците заземаа 60 области. Ова беше тема и на дебатата во Советот за безбедност на Обединетите Нации (ООН) во вторникот.

„Повеќето области кои беа заземени се во близина на провинциските главни градови, ова укажува дека Талибанците се позиционираат за да ги заземат кога целосно ќе заврши повлекување“ рече пред Советот Дебра Лионс, специјална претставничка на генералниот секретар на ООН.

Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка првиот авганистански претседател, Амрула Салех, вели дека Талибанците добиваат самодоверба во отсуство на американските сили.

„Тие имаат лажна убеденост дека ги победиле странците и дека сега треба да ги победат авганистанските сили“ вели Салех.

Сега е напорот е насочен кон седнување на Талибанците на преговарачка маса. Тоа ќе биде дел од агендата при средбата на американскиот и авганистанскиот претседател, Џо Бајден и Ашраф Гани, закажана за петок. На неа ќе присутен и претседавачот на Високиот совет за национално помирување на Авганистан, Абдула Абдула.

Портпаролката на Белата куќа вели дека ќе дискутираат за повеќе работи.

„Како може да работиме заедно за да осигуриме дека Авганистан никогаш повторно нема да стане безбедно место за терористички групи кои претставуваат опасност за САД. Како да работиме заедно за да продолжиме со имплементацијата на хуманитарна помош и друга помош, нешто за што Соединетите Држави остануваат силно посветени“ изјави Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа.

Поранешниот американски амбасадор во Авганистан, Роналд Њуман, вели дека состанокот закажан за петок е симболичен, но и повеќе од тоа.

„Поканата е симбол на американската одлучност да останеме вклучени во Авганистан и да продолжиме да му помагаме на Авганистан иако силите се повлекуваат. Исто така, важно е што Абдула Абдула и претседателот Ашраф Гани доаѓаат заедно. Мислам дека е многу важно како видлив знак на единство кој е навистина потребен во Кабул“ вели Њуман.

САД обезбедија повеќе од 266 милиони долари како дополнителна хуманитарна помош за Авганистан додека се повлекува од земјата со што ќе стави крај на најдолгата војна во американската историја. Според ООН 18 милиони Авганистанци имаат потреба од хуманитарна помош, а речиси 5 милиони се внатрешно раселени.

XS
SM
MD
LG