Линкови за пристапност

САД веројатно нема да ја достигнат целта за 70% вакцинираност до 4 Јули


Соединетите Држави веројатно нема да ја постигнат целта поставена од претседателот Џо Бајден да се достигне стапка на вакцинација од 70% кај возрасните Американци заклучно со 4-ти Јули, Денот на независноста. Сепак, Белата куќа вели дека овој процент може да биде постигнат кај луѓето постари од 27 години.

Се очекува координаторот за одговор на Ковид-19, Џеф Зејнтс, да го потенцира фокусот кон вакцинирање на луѓето на возраст меѓу 18 и 26 години, изјави претставник на Белата куќа.

Многу млади Американци, поради различни причини, покажуваат мал интерес за вакцинација, особено откако бројките на нови случаи на корона вирус и на починати поради болеста паднаа нагло во последните недели и откако многу бизниси престанаа да бараат носење маски и социјално дистанцирање, рестрикции кои беа во сила повеќе од една година.

Од почетокот на пандемијата во САД во март 2020-та, во земјата се потврдени 33.5 милиони заразени и 602 илјади починати, што е повеќе од каде било во светот, покажуваат податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Бајден, кој ја постави целта од 70% вакцинација до 4 Јули, се уште нема јавно признаено дека таа веројатно нема да биде постигната.

Како и многу други прашања во САД и за вакцинацијата постои голема политичка поделеност. Демократските сојузни држави кои гласаа за Џо Бајден на ноемвриските избори имаат повисоки стапки на вакцинација во споредба републиканските кои гласаа за неговиот претходник Доналд Трамп.

Дел од најниските стапки на вакцинација се во јужните сојузни држави каде Трамп освои убедлива победа и каде скептицизмот за вакцинирањето е широко распространет.

Доналд Трамп и поранешната прва дама Меланија Трамп беа вакцинирани без присуство на камери пред тој да ја напушти функцијата во јануари, откако и двајцата го прележаа вирусот. Сепак, Трамп често го минимизираше ширењето на инфекцијата во САД.

Џо Бајден и првата дама Џил Бајден беа вакцинирани со пренос во живо на телевизија пред тој да стапи на функцијата. Тие повеќе пати апелираа Американците да се вакцинираат.

Се очекува дека координаторот за одговор на Ковид-19, Џеф Зејнтс, ќе потенцира дека 70% од Американците постари од 30 години веќе имаат примено барем една доза од вакцината, вели претставник на Белата куќа.

Темпото на имунизација е значително успорено изминативе недели иако многу достапни дози.

Белата куќа планира голема прослава на 4 Јули на јужниот тревник со околу илјада гости на пикник на кој ќе се гледа огнометот со кој ќе се одбележи независноста од 1776-та година од Британија.

Иако Бајден веројатно нема да ја постигне целта од 70% вакцинација за сите возрасни Американци, портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки минатата недела изјави дека „имаме огромен напредок во напорите за вакцинација и крајната цел е да се врати Америка во нормала, со нетрпение го чекаме тоа и тука во Белата куќа“.

XS
SM
MD
LG