Линкови за пристапност

Бугарија не попушта, ветото за старт на преговорите со ЕУ останува


Голем дел од државите членки на ЕУ се на ставот дека не треба да има одвојување на Албанија и Македонија. Дополнително тежина на спорот дава техничката влада во Софија и престојните избори во јули како и најавите дека и идната Влада на Бугарија нема да го повлече ветото

ЛУКСЕМБУРГ – Ветото на Бугарија за старт на преговорите за Северна Македонија и Албанија останува и по состанокот на Советот за општи работи на ЕУ. И покрај притисокот од државите членки на ЕУ и отворените пораки и предупредувања дека станува збор за билатерален спор кој мора да остане надвор од преговарачката рамка официјална Софија не попушти и остана на својот став

Според дипломатски извори на кои се повика Македонската информативна агенција (МИА), бугарскиот министер нагласил дека станува збор за европски проблем и дека унијата не ја разбира длабочината на проблемот.

Пред почетокот на состанокот, шефот на германската дипломатија Микаел Рот, повика билатералните прашања да не ја држат заложник целата Европска унија а неговиот твит најави како ќе се движи расправата околу стартот на преговорите за Северна Македонија и Албанија.

„Ве молам. Оставете билатералните прашања да се третираат билатерално, без да се блокира целата Европската унија да се движи напред. Да размислуваме стратешки и да сфатиме дека треба да ги исполниме нашите обврски кон Албанија и кон Северна Македонија СЕГА. Немаме интерес да оставиме стратешки вакуум во овој регион“, напиша Рот на Твитер.

Поддршката за старт на преговорите за Северна Македонија не изостана и на состанокот министрите на државите членки на ЕУ му посочиле на бугарскиот колега дека во прашање е кредибилитетот на целата Унија.

„Во случајов, навистина важно е конечно да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Станува збор за кредибилноста на ЕУ, и проширувањето навистина е најуспешната алатка во надворешната политика што ЕУ некогаш ја развила. Не смееме да го загрозиме тоа“, изјави Арнолдас Пранкевичиус, министер за надворешни работи на Литванија

Нотиран беше и реформскиот напредок кој според членките на ЕУ мора да биде награден.

„Ние сметаме дека овие две земји ги исполнија сите најважни критериуми, и го очекуваме моментот кога ќе бидат отворени, всушност, колку што може побрзо, преговорите со двете земји“, изјави Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни работи на Хрватска

Најголемиот дел членки сметаат дека не треба да има одвојување на Албанија и Македонија, и оценуваат дека таквото сценарио е речиси невозможно. Техничката влада во Софија, и престојните избори во јули, дополнително го комплицираат проблемот, исто како и констатацијата дека Бугарија не може да гарантира дека идната влада ќе го деблокира ветото.

Европските дипломати брифираат дека судејќи по цврстиот став на Бугарија нема гаранција дека и по изборите и формирањето на политичка Влада, Бугарија ќе го повлече ветото.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG