АМСТЕРДАМ - Малку зборови можат да го опишат она што Горан Пандев го стори за македонскиот фудбал, репрезентацијата и државата. Денеска тој стави крај на репрезентативната кариера и го одигра последниот меч за националната селекција. Зад неговото име стојат импозантни бројки 122 настапи и 38 постигнати гола, рекорди во двете категории.
Во 68 минута селекторот Ангеловски го замени Пандев кој полека се упати кон аут линијата. Македонските репрезентативци застанаа во „шпалир“ и со аплауз и прегратки го испратија на клупата. Овации имаше и од трибините како од македонските навивачи така и од холандските фанови. Аплаудираше и неговиот поранешен соиграч од Интер, Весли Снајдер.
„Ќе ни недостасува, тој е најголемиот во македонскиот фудбал. Тој ни дава сила, беше пример за сите нас и треба да продолжиме по неговите чекори “ изјави репрезентаивецот Енис Барди по натпреварот со Холандија.
„Овој меч не беше голем само за Панев, туку за цела Македонија, испраќавме великан кој не задолжи сите со својата голема кариера и човекот што не задолжи со сето тоа што го има направено за фудбалот во Македонија. Јас можам само да кажам дека сум среќен што пет и пол години работев со таков капитен и таков човек и му благодарам за се. Идните генерации имаат еден добар пример за тоа како треба да се однесуваат, како треба да работат за да стигнат до величините што ги стигна Горан Пандев“, рече селекторот Ангеловски.
Повлекувањето го најави вчера, на официјалната прес конференција.
„Ова е мој последен меч за Македонија.Мислам и јас и моите колеги, на чело со селекторот Ангеловски направивме нешто што не знам дали некој ќе го направи. Мислам дека сега после ова Европско првенство е вистински момент да се повлечам. Сакам да им посакам на моите соиграчи пласман на СП. Може да ни донесат многу радости на цела Македонија, зашто се работи за квалитетни играчи, кои играат во големи тимови и заслужуваат да играат на едно СП“, рече Пандев.
Изјавата предизвика бура од реакции во јавноста но и кај репрезентативците.
„Последниот танц“ беше нивната порака.
Дебитираше во репрезентативниот дрес во 2001 година, на гостувањето во Бурса против Турција кое заврши со резултат 3:3.
На кратко се повлече од репрезентацијата но во 2015 година одлучи да се врати. Причина беше токму селекторот Ангеловски и неговиот проект кој се покажа како успешен.
Пандев пет години ја носеше репрезентацијата на својот грб, капитенски. Сите репрезентативци во суперлативи говорат за неговото искуство, влијание во и надвор од теренот, мотивацијата која ја дава и одговорноста која ја чувствуваат.
Македонија успеа да се пласира не ЕВРО 2020 со голот кој го постигна Пандев на одлучувачкиот меч во Тбилиси против Ерменија. Соништата на генерации фудбалски фанови се исполнија.
Пандев, на мечот против Австрија, го постигна првиот гол во историјата на македонската фудбалска репрезентација на европското првенство.
Горан Пандев е вториот Македонец кој ја освои лигата на шампионите по Дарко Панчев далечната 1991 година. Неговата фудбалска кариера почна во родниот град Струмица, во тимот на „Беласица“.
На 18 години ќе премине во италијанскиот гигант „Интер“ кој ќе го испрати на позајмица во Спеација па во Анкона. Пресвртница е во 2005 година кога доаѓа во редовите на римски „Лацио“ каде ќе мине пет сезони, ќе забележи 159 настапи, ќе постиге 48 гола и ќе стане миленик на навивачите.
Во 2009 година се враќа во „Интер“ каде под водството на легендарниот тренер Жозе Мурињо во 2010 година ќе го постигне најголемиот успех во кариерата, ќе го освои првенството - „Сериа А“, Купот на Италија и Лигата на Шампионите.
По три години минати во „Интер“ преминува во „Наполи“ каде ќе ммине две феноменални сезони а потоа и во турски „Галатасарај“.
Веќе пета сезона е играч на „Џенова“ за која досега има 156 настапи и 28 голови. Иако ветеран, управата на„Џенова“ не помислува да се откаже од неговите услуги.
Со двата гола против Беневенто на 21 април 2021 година, Пандев ја достигна границата од 100 гола во кариерата во „Серија А“ и стана член на елитниот и престижен „Клуб 100“.
Селекторот Игор Ангеловски кој е најзаслужен за пласманот на европското првенство најави дека договорот му истекува и нема да биде продолжен.
„Ова е мојата последна прес конференција“, потврди селекторот Ангеловски.
Денешниот натпревар е последен и за репрезентативците Крсте Велкоски и Иван Тричковски.
Facebook Forum