Линкови за пристапност

Победа против Украина за пласман во осминафинале


Селекторот Ангеловски го изедначи овој меч со финале а бекот Ристовски најави дека се подготвени. „Не сме дојдени како туристи“, вели тој. Украинскиот селектор, легендарниот Шевченко, со пофални зборови за македонската репрезентација - „Заслужуваат почит“

БУКУРЕШТ - Македонските фудаблери денеска во 15 часот повторно ќе истрчаат на „Националната арена“ во Букурешт каде го играат клучниот натпревар на ЕУРО 2020, против селекцијата на Украина. За двете репрезентации овој меч значи се бидејќи и двете селекции доживеаа порази во воведното коло. Пораз за некој од двата тима ќе значи крај за надежите да се помине групата.

Селекторот Игор Ангеловски најави дека тимот е подготвен за она што следува за најважниот меч кој веројатно оваа генерација ќе го игра.

„Најважната лекција е дека повторно веруваме дека имаме квалитет, затоа што до 80. минута имавме активен резултат против Австрија. Не се браневме, не игравме бункер дури имавме и ситуации да поведеме. Сепак, тоа не успеавме да го направиме, примивме гол по пад на концентрација. Сепак, следува меч со Украина, мислам дека имаме ситуација во која можеме да се поправиме на резултатски план“, рече Ангеловски.

Денешниот натпревар го нарече финале бидејќи е клучен за пласман во елиминациската фаза.

„Дојдовме на ЕУРО со цел да се пласираме во втората фаза и таа фаза за нас е активна. Имаме пред нас ривал кој исто така има нула бодови, што значи дека ова за нас е финале. И да не успееме нема да биде трагедија, а нормално дека ќе дадеме се од себе. Украинците се квалитетни, тоа го покажаа и против Холандија. Имаат одлични индивидуалци, но и ние имаме квалитет и покажавме дека можеме да се носиме со сите“, изјави Ангеловски.

Репрезентативниот бек Стефан Ристовски смета дека тимот е подготвен и физички и психички и не се дојдени на првенството „како туристи“.

„Професионалци сме и не смееме да дозволиме пад на атмосфера. Ова е големо натпреварување, ние не смееме да дозволиме ништо да не деконцентрира. Следуваат уште два меча, ќе го дадеме максимумот. Ние овде не дојдовме како туристи, имаме огромен квалитет. Со три блока, со бранење на нашиот гол, и брзи контри да го изненадиме противникот. Кога играте со вакви селекции мора да си подготвен за се. Со Австрија се подготвувавме за едно, а тие излегоа со пет дефанзивци. Секој се обидува да те изненади“

Селекторот на репрезентацијата на Украина, легандарниот фудбалер Андриј Шевченко, изјави дека Северна Македонија не е лесен простивник и е тим за почит.

„Пред нас е еден сериозен меч и мора да сме многу внимателни. Македонија има добар тим, тоа е екипа со голем карактер, свој стил на игра. Играат во формација 5-3-2, а се тим кои има исклучително добри противнапади и контри, а сѐ на се е податокот дека во последните години имаат многу добри настапи, победија и екипи кои се од самиот европски врв“, рече Шевченко и доаде дека атмосферата во тимот е одлична и покрај поразот од Холандија од 3:2.

Како на теренот така и на трибните ќе има жестока битка. Ако против Австрија имаше четири илјади навивачи, денеска оваа бројка ќе биде поголема бидејќи голем број навивачи од речиси сите градови од Македонија вчера и денес пристигнаа во Букурешт.

Поддршката за Украина исто така нема да изостане а нивните навивачи најавуваат дека ќе присуствиуваат во голем број и трибините ќе бидат обоени „сино - жолто“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG