Линкови за пристапност

Русија протера македонски дипломат


Официјална Москва потврди - протерувањето е одговор на потезите кои ги превзедоа македонските власти. За македонското МНР ова е политичка одмазда а шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека овој потег ќе влијае на билатералните односи меѓу двете држави

МОСКВА – „Персона нон грата“ е статусот кој од денеска го има еден од двајцата македонски дипломати во амбасадата во Москва. Русија возврати со иста мерка и протера македонски дипломат, аташе во амбасадата, како одговор на одлуката да се протера дипломат од руската амбасада во Скопје.

Официјална Москва соопшти дека станува збор за реципрочна мерка а македонскиот вршител на должност амбасадор во Моска утринава бил повикан во руското МНР.

„Денеска в.д. амбасадорот на Република Северна Македонија во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска беше поканета во МНР, каде ѝ беше врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“. Оваа мерка е одговор на сосема немотивирана одлука на македонската страна за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“, која беше донесена во мај оваа година“, стои во официјалното соопштение на руското МНР.

Македонското МНР протерувањето го оцени како неоснован потег и политичка освета.

„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји“, соопштија од МНР

Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, преку социјалните мрежи соопшти дека одлуката на Руското МНР е неоправдана и ќе влијае врз односите меѓу двете држави.


„Жалам за непоправданата одлука на Министерството за надворешни работи на Русија, ова е само возвратна политичка одлука. Ова несомнено ќе влијае негативно на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Руската Федерација“, напиша министерот Османи на социјалната мрежа „Твитер“.

Претседателот Стево Пендаровски изрази жалење за одлуката за протерување на македонскиот дипломат од Москва.

„Република Северна Македонија останува заинтересирана за градење билатерални односи со Руската федерација врз рамноправна основа и взаемно почитување“, информираа од Кабинетот на претседателот за Гласот на Америка.

На 14 мај рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Александровиќ Баздникин, беше повикан во МНР каде му беше врачена нотата со која висок дипломат од амбасадата беше прогласен за „персона нон грата“ и доби рок од седум дена да ја напушти државата. Официјално причината беше поради „недипломатски активности“ кои биле документирани од надлежните органи.

Северна Македонија протера руски дипломат и во 2018 година, но тогаш како солидарност со Велика Британија и во тесна консултација со сојзуниците во НАТО и во ЕУ заради случајот со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG