СКОПЈЕ - Опозициската ВМРО - ДПМНЕ денеска го одржа првиот, од како што најавуваат серија предупредувачки протести под мотото „Излези за Македонија“, со барање јавно да се објават деталите од тековните преговори со официјална Софија.
Протестите кои всушност се блокирање на клучните крстосници се одржаа во Скопје и во уште десет града низ државата а во Скопје беа блокирани крстосниците кај Собранието, „Мавровка“ и „Нова Македонија“.
Според ВМРО - ДПМНЕ потребно е граѓаните да знаат за што се преговара а изјавите дека не се преговара за идентитетот и дека не се преговара за историјата или прашањата поврзани со националните малцинства, или прашањата поврзани со јазикот ги оценија како флоскули.
Пратеникот Тимчо Муцунски побара јасно исцртување на„црвените линии“ во преговорите со Бугарија.
„ Ние како политичка партија инсистираме македонскиот јазик, македонскиот идентитет, посебноста на македонската историја, заштитата на македонските национални малцинства да бидат јасни црвени линии при преговорите со Република Бугарија. Очигледно е дека во овој момент се преговара за некој патоказ и ноторен факт е тоа што оваа Влада на СДСМ во делот на својата попустлива надворешна политика ветувала многу работи но во пракса постапувала спротивно од тоа што го ветува. Ако е така како што се кажува дека тој патоказ е нешто за кое што не треба да се грижиме, со кое што се заштитува идентитет и јазикот, тогаш веројатно не би имало проблем македонската Влада да каже за што точно се преговара“, рече Муцунски.
За идентитетот и јазикот не смее да се преговара порачаа од денешниот протест.
„Затоа сме ние тука на улиците да го кренеме гласот, да покаже што стои на масата, дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, дали се преговара за нацијата, за културата за јазикот и каков е тој патоказ, договор или што и да е. Сите ние сме за Европската Унија, но има нешто што е поважно од се, а тоа Македонија, македонската држава, нацијата, граѓаните и се разбира идентитетот и јазикот“, изјави потпретседателот на партијата Владо Мисајловски и додаде дека протестите и блокадите ќе продолжат.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во брифинг за медиумите а повикувајќи се на дипломатски извори соопшти дека во премиерот Заев и специјалнито претставник Владо Буковски во моментов преговараатза прифаќање на услови од првите пет поглавја односно каде што се опфатени јазикот, културата, традицијата, историјата, посебноста и тоа да влезе во „патоказот“.
Премиерот Зоран Заев тврди дека „патоказот“ всушност се разговори на секторско ниво за изградба на железници, патишта, Коридорот 8 и конекцијата меѓу двете земји како и соработка меѓу неколку министерства.
„Сето друго се разговара под раководство на португалското претседателство.Мицкоски апсолутно знае дека предлогот е одличен и е појдовна основа за постигање на решението. И сега да продуцирате вака протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе, не знам, 24 возила, ги следам извештаите кои излегуваат сега на медиумите, и 45 луѓе, е тоа се протестите само за да се блокира сообраќајот низ градовите и е порака која што никако не можам да ја разберам. Навистина очекувам она што е најмалку, е да се помогне во ова, наместо да се блокира. Но, не е ништо ново. Од овие четири сценарија или три сценарија или колку и да беа што ги кажа Мицкоски, јас верувам дека ниту едно не е прифатливо за граѓаните на нашата земја “, изјави премиерот Заев.
Декларацијата на бугарското Собрание беше усвоена на 10 октомври 2019 година, со акламација. Таа содржи дваесетина услови кои Северна Македонија мора да ги исполни за да ја добие поддрката на Бугарија за старт на преговорите со Унијата. Во оваа деклрација стои декаБугарија „нема да дозволи интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа" и дека „препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам."
Во декларацијата стои дека Северна Македонија мора да се откаже од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија, треба да почне сосистемско отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи но она што е најпроблематично е ставот на Собранието дека македонскиот јазик е „дијалект на бугарскиот“ и никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно ако веќе мора, да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“.
Facebook Forum