Линкови за пристапност

Корупцијата на Балканот – пречка за проширувањето на ЕУ


Лидерите на Европската Унија во следните неколку недели треба уште еднаш да разговараат за долго закочените апликации од балканските држави за влез во блокот.

Но, неодамнешните студии кои го истражуваат размерот на перење пари во регионот, најверојатно, нема да ги смират Франција и Холандија кои сакаат да го одложат проширувањето на ЕУ.

Албанија, Србија, Северна Македонија и Црна Гора се кандидати за членство во ЕУ и имаат изразено фрустрации поради нивните закочени апликации. Но, противниците на проширувањето на ЕУ веќе ја искористуваат студијата која сугерира дека пазарот на недвижнини на Западен Балкан се користи за перење приходи од трговија со дрога и шверц на мигранти, што предизвикува зголемени цени на недвижнините во регионот.

Од „Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал“, меѓународна невладина организација со седиште во Женева, велат дека нелегални пари се влеваат на пазарите на недвижнини и градежните индустрии на Западен Балкан.

„Валканите пари што се прават и перат во регионот го одржуваат еко-системот на криминал и корупција“, рече Кристина Амерхаузер, една од авторите на извештајот на невладината организација објавен минатиот месец.

Авторите во извештајот велат дека не е можно „да се стави конкретна бројка колку незаконски заработени пари се перат во регионот“, но проценуваат дека опсегот е помеѓу 2.2 и 5.6 милијарди долари.

Иако ова може да изгледа малку во споредба со некои многу побогати региони, авторите забележуваат дека „овие бројки се големи, особено кога се ставаат во перспектива“.

Тие додаваат: „На пример, во 2021 година, буџетите на Министерствата за внатрешни работи на Северна Македонија и Албанија изнесуваат по 168 милиони евра; а косовските полициски сили располагаат со само 87 милиони евра“.

Големи количини нелегални пари се префрлаат на пазарите за недвижности низ регионот а „цените вештачки растат поради криминалците кои ги перат“. Иако цените на недвижностите низ регионот паднаа во 2020-та поради пандемијата, многу места покажуваат раст уште од 2017-та. Лани албанската економија се намали за 10.2%, но пазарот на недвижности се зголеми за 5.5%.

Пандемијата и економскиот пад немаа влијание на цените на станови во главниот град Тирана каде вредноста се удвои од 2017-та до 2020-та. Зголемување е „во голем дел поттикнато од кеш од организираниот криминал и корупција кој се инвестира во градењето недвижности“.

Индустријата со недвижности и во Србија има невообичаено и необјасниво голем раст меѓу 2018-та и 2020-та. Таму градежништвото продолжи да расте и покрај пандемијата и намалувањето на економијата минатата година.

Неколку истраги за перење пари поврзани со недвижности и големи инфраструктурни проекти се започнати во Северна Македонија, вклучително и една за поранешниот премиер Никола Груевски и за негови деловни соработници.

Големите јавни инфраструктурни проекти го привлекуваат вниманието на оние кои се борат против корупцијата.

„Почитувањето на европските стандарди се покажа како особено тежок предизвик за земјите од Западен Балкан кога станува збор за големи проекти како инфраструктура и енергетика“ вели Марко Панковски од Институтот за демократија Социетас цивилис, македонски тинк-тенк.

Пишувајќи коментар за Европски Западен Балкан, информативен веб сајт, тој додава „И покрај напорите на цивилното општество владејачките партии по се изгледа се одлучни да не дозволат договорите за овие проекти да станат целосно транспарентни и подложени на контрола од страна на независни институции, не е тешко да се утврди главната причина за ова непочитување на стандардите – владејачките партии може да ‘средат’ парите да завршат во џебовите на нивните соработници што често доведува до зголемување на цените“.

Франција е водечки противник на пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Француските власти тврдат дека ЕУ имала лоши искуства со проширувањето кон земјите од Централна и Источна Европа, како и постојаните проблеми со корупцијата и владеењето на правото во земји како Романија и Бугарија. Тие велат дека причина за тоа е што некои земји се приклучиле на ЕУ неподготвени и стравуваат дека земјите од Западен Балкан се претвориле во држави кои се заробени од корумпирани политичари поврзани со организираниот криминал.

Поддржувачите на проширувањето на ЕУ сметаат дека пристапувањето кон Унијата ќе им помогне на земјите од Балканот во нивната борба со корупцијата.

Во 2019-та откако францускиот претседател Емануел Макрон стави вето на проширувањето, вознемирениот Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, објави на Твитер: „Би сакал да им испратам порака на нашите макеоднски и албански пријатели: не се откажувајте! Вие го исполнивте вашето, а ние нашето не. Но, апсолутно не се сомневам дека ќе станете полноправни членки на Европската Унија “.

Тогашниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер рече дека запирањето на пристапните преговори е „голема историска грешка“.

Минатата недела премиерот на Словенија Јанез Јанша, чија земја го презема претседавањето со ЕУ на 1 јули, рече дека ќе настојува земјите – членки да прифатат агресивно проширување на ЕУ. Тој рече дека земјите кандидати од Балканот ќе помогнат во решавање на неколку проблеми кои го погодуваат блокот, вклучително миграцијата и „малигното влијание“ на надворешни сили, што би требало да се однесува на Русија, Турција и Кина.

Но, тој додаде и дека постигнувањето согласност меѓу шефовите на држави и влади на ЕУ ќе биде тешко. „Очигледно не можеме да го правиме ова од ден за ден, нема да можеме да го направиме без консензус од сите“ рече тој.

Во март 2020-та ЕУ даде зелено светло за Албанија и Северна Македонија да го почнат процесот на пристапување, но во ноември Бугарија ги блокираше натамошните чекори поради билатерален спор со Северна Македонија за јазикот и историјата. Србија и Црна гора веќе ги имаат почнато пристапните преговори, но напредокот е бавен.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, предупреди дека ЕУ ќе го изгуби теренот од ривалски сили доколку блокот наскоро не успее да почне со примање на земјите од Западен Балкан.

XS
SM
MD
LG