Линкови за пристапност

100 години од масакрот во Тулса во кој биле убиени 300 Афроамериканци


Американскиот претседател Џо Бајден отпатува во Тулса, Оклахома за да присуствува на одбележувањето на масакрот од Тулса, напад од 1921 година од страна на толпа белци врз црната заедница во градот во кој биле убиени 300 луѓе, а 10 илјади останале без дом. Бајден ќе одржи говор по повод 100 годишнината.

Дури и денес случувањата во Тулса се епизода од историјата на расно насилство во САД за која малкумина се свесни.

Масакрот се случи неколку децении пред почетокот на Движењето за граѓански права кое во 1960-те обезбеди гласачки права за Афроамериканците.

Во градот ќе биде отворен нов музеј посветен на масакрот.

Останува отворено прашањето дали да се платат репарации и колкави би биле тие за преживеаните и нивните потомци, како и тоа како да се пребараат неодбележаните гробови на жртвите.

Една од преживеаните, Виола Флечер, која сега има 107 години неодамна се појави пред комисија во Конгресот на која се разгледуваше ова прашање.

Таа раскажа на што се сеќава од случувањата во нејзиното соседство кога имала 7 години.

„На 31 мај 1921-та си легнав во домот во Гринвуд. Соседството во кое заспав таа вечер беше богато не само со пари туку и култура и наследство. Моето семејство имаше прекрасен дом, имавме прекрасни соседи. Имав другари со кои си играв и се чувствував безбедно. Имав се што му треба на едно дете, имав светла иднина. За само неколку часа сето тоа го снема. Ноќта на масакрот ме разбудија родителите. На мене и на моите пет браќа и сестри ни кажа дека мора да заминеме и тоа е тоа. Никогаш нема да го заборавам насилството кога заминавме од дома. Се уште можам да ги видам имотите како горат, се уште можам да ги слушнам авионите и врисоците“ изјави таа во сведочењето пред Конгресот.

Виола Флечер заедно со нејзиниот брат Хју Ван Елис кој има 100 години и трет преживеан, Лесли Бенингфилд Рендл кој има 106 години се главните подносители на тужбата против градот Тулса, општина Тулса, сојузната држава Оклахома и Стопанската комора на Тулса. Тие тврдат дека обвинетите се одговорни за она што се случило за време на масакрот.

Пред сто години Гринвуд, афроамериканското соседство во Тулса, кое ја опфаќа областа позната и како Црн Вол Стрит, беше изгорена до темел, а во нападот се вклучи и целосно белиот полициски оддел во Тулса кој обезбдил оружје за толпата.

Масакрот бил предизвикан од обвинувањата дека 19-годишен Афроамериканец нападнал 17-годишно бело девојче во лифт.

Бројни извештаи во тоа време ги опишувале белите полицајци со беџови кои потпалувале оган и пукале во црните луѓе како дел од нападот на Гринвуд.

XS
SM
MD
LG