Линкови за пристапност

Европски и американски разузнавачи утврдуваат дали корона вирусот „побегнал од лабораторија“


Британските разузнавачки агенции заедно со безбедносните служби од повеќе држави од Западна Европа помагаат во новата американска истрага која се обидува да го утврди потеклото на пандемијата.

Централниот фокус на истрагата е Институтот за вирологија на Вухан во Кина.

Расте сомнежот дека новиот вирус кој коси низ светот и кој е причина за најмалку 4 милиони починати можеби „избегал“ од лабораторија, тврдење кое Пекинг категорично го отфрла.

Британските власти ги брифираа новинарите дека тврдењето оти вирусот избегал од лабораторија можеби има основа што е спротивно на скептицизмот од изминатите 18 месеци кој го имаа британските разузнавачи. Други западни разузнавачки агенции исто така беа скептични за ова тврдење, сметајќи го за малку веројатно.

Но, минатата недела американскиот претседател Џо Бајден им нареди на разузнавачките агенции да ја проверат оваа теорија и да подготват извештај во наредните три месеци.

Наредбата на Бајден дојде откако американските разузнавачи открија детали дека тројца истражувачи во Институтот во Вухан се разболеле во ноември 2019-та, неколку недели ред првиот потврден случај на заразата и повеќе од еден месец пред Кина да ја извести Светската здравствена организација (СЗО) за „случаи на пневмонија“ со неутврдена причина кои биле откриени во Вухан.

Истражувачите биле хоспитализирани со симптоми кои одговараат на Ковид-19, но и на други сезонски респираторни болести, покажува извештај кој беше објавен од The Wall Street Journal.

Новите информации се надоврзуваат докази кои ја поддржуваат теоријата дека вирусот можеби се проширил откако „избегал“ од лабораторијата во Вухан, велат западните власти.

Извештајот предводен од СЗО на почетокот на оваа година ја отфрли теоријата за „бегство од лабораторија“ како „крајно малку веројатна“ и ја фаворизира преовладувачката теорија дека корона вирусот најверојатно потекнува од пазарот во Вухан, скокајќи од животно, веројатно лилјак или панголин, на луѓе .

Но, истрагата на СЗО наиде на сериозни критики од некои истакнати западни научници, како и од западните влади, кои велат дека кинеските власти го блокирале тимот на СЗО за време на четиринеделната посета на Вухан во јануари.

Осумнаесет врвни светски епидемиолози и генетичари објавија писмо во списанието Science во кое повикуваат на независно испитување на теоријата за „бегство од лабораторија“.

Британски разузнавачки служби за Sunday Telegraph потврдија дека британските безбедносни агенции соработуваат со новата американска истрага.

„Ние придонесуваме со разузнавачките информации што ги имаме за Вухан“, беше цитиран официјален претставник.

XS
SM
MD
LG