Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, денеска имаше средба со премиерот Зоран Заев на која ја реафирмираше поддршката на САД за следниот чекор во евроинтеграциите - старт на преговорите со Унијата.
„Ние го цениме нашето билатерално партнерство со Северна Македонија и сакаме да ги видиме разговорите за пристапување во ЕУ што е можно побрзо. Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековниот разговор и од Бугарија и од Северна Македонија за придвижување на пристапот на Северна Македонија во ЕУ “, рече амбасадорката Брнз.
Премиерот Заев се заблагодари на големата поддршка од САД, како клучен стратешки партнер во развојот и во демократизацијата на Северна Македонија и најави дека нашата држава и натаму ќе дава аргументи за да продолжи поддршката од САД и од меѓународните пријатели.
„Фокусирани сме кон позитивен развој на настаните во врска со следниот чекор во евроинтеграциите, како и кон развојот на добрососедските односи со Бугарија. Продолжуваме и со реформското темпо, како и со борбата со криминалот и корупцијата. Владата е цврсто определена кон поддршка на независноста на судството и еднаквост на секого пред законите. Со смирувањето на пандемијата очекуваме засилување на темпото на големиот инвестициски план што го имаме, а чијашто цел е унапредување на животниот стандард на граѓаните на економски план и според европските вредности“, рече премиерот Заев.
Facebook Forum