Линкови за пристапност

Се погласни барања за одложување на Олимписките игри


Еден од најзначајните јапонски весници повика на откажување на Олимписки игри во Токио поради влошената криза со Ковид-19 во земјата.

Во едиторијалот објавен во денешното издание на The Asahi Shimbun се бара од премиерот Јошихиде Суга смирена да ги процени моменталните околности и да ги откаже Игрите.

Во текстот се критикуваат лидерите на Меѓународниот олимписки комитет, особено потпретседателот Џон Коатс кој минатата недела изјави дека Олимпијадата ќе се одржи „дури и доколку во сила е вонредна состојба“.

Јавното мислење против Олимпијадата се засилува откако започна нов бран на инфекции кои ги преплави болниците низ земјата. Во Токио и во други региони на Јапонија е во сила вонредна состојба која треба да истече на 31 мај, но која веројатно ќе биде продолжена и во јуни.

The Asahi Shimbun е прв значаен јапонски весник кој бара откажување на Олимпијадата и покрај тоа што е еден од нејзините главни спонзори.

И Организацијата на матични лекари на Токио во која членуваат околу 6 илјади лекари и амбуланти побара од премиерот да го убеди Меѓународниот олимписки комитет да ги откаже Игрите.

Пред само два дена американската влада издаде предупредување за своите граѓани да не патуваат во Јапонија поради зголемениот број случаи на Ковид-19.

Олимписките игри треба да се одржат од 23 јули до 8 август откако минатата година беа одложени поради пандемијата.

XS
SM
MD
LG