Линкови за пристапност

Турнеја на Блискиот Исток - Блинкен во посета на Египет и Јордан


Еден ден откако изрази поддршка за безбедноста на Израел и најави помош за реконструкција на Газа, американскиот државен секретар Ентони Блинкен отпатува за Египет кој беше сериозно вклучен во постигнувањето на прекин на огнот минатата недела во конфликтот меѓу Израел и палестинските милитанти во Газа.

Во Каиро Блинкен се сретна со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси и со министерот за надворешни работи Самех Шокри. По ова тој отпатува за Јордан.

„Како што знаете, Египет имаше клучна улога во помагањето да се постигне прекин на огнот, а Јордан долго време е глас на мирот и стабилноста во регионот“ изјави Блинкен.

Блинкен претходно се сретна со израелскиот претседател Рубен Ривлин, на првата етапа од неговото прво патување на Блискиот Исток откако стана шеф на американската дипломатија.

„Секретарот и претседателот Ривлин дискутираа за начини да се промовира коегзистенција и толеранција меѓу сите граѓани на Израел без оглед на нивното потекло. Тие ја потврдија важноста на силните американско – израелски односи и потребата за промоција на мир и стабилност за сите“ соопшти Стејт Департментот.

Блинкен имаше разговор и со лидерот на палестинските власти, претседателот Махмуд Абас по што рече дека ќе побара американскиот Конгрес да одобри помош од 75 милиони долари за Палестинците во Газа.

„Знаеме дека последната рунда насилства е симптом на поголеми проблеми кои мора да ги адресираме доколку сакаме да спречиме повторна појава на насилства и за тоа и разговаравме денеска. Го поздравуваме прекинот на огнот кој опстојува, но тоа не е доволно. Мора да го надградиме тоа и да се обидеме да ги придвижиме работите во позитивна насока“ изјави Блинкен.

Блинкен вчера исто така потврди дека администрација на Џо Бајден верува дека решението „две држави“ е единствен начин вистински да се осигура иднината на Израел како еврејска и демократска држава и исто така да им овозможи на Палестинците нивна држава на која имаат право.

XS
SM
MD
LG