Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја бранеше одлуката за пренасочување на авионот и апсењето на новинарот и активист, Роман Пратасевич. Тој тврди дека постапил согласно меѓународните правила за да ги заштити граѓаните на Белорусија.
„Како што предвидовме, оние кои не ни сакаат добро и кои се надвор и внатре во земјава ги променија методите за напад врз државата. Минаа многу црвени линии и го напуштија разумот и човечкиот морал“ порача Лукашенко во обраќање во Парламентот.
Инцидентот кој се случи во неделата предизвика осуда од земјите – членки на Европската Унија и од други држави.
Советот за безбедност на Обединетите Нации треба да дискутира за ситуацијата на неформален затворен состанок денеска, откриваат дипломати за Гласот на Америка.
Авиокомпании од вчера започнаа да ги пренасочуваат летовите и да го избегнуваат белорускиот воздушен простор. Lufthansa, KLM, SAS, Air France, LOT и Singapore Airlines се меѓу оние кои престанаа да летаат преку Белорусија која се наоѓа на важен коридор кој ги поврзува Европа и Азија и од кој властите во Минск добиваат девизен прилив од 300 до 940 американски долари од секој лет.
Белоруските авиони исто така се соочуваат со можна забрана за летање до Европската Унија што може да ја остави Белорусија единствено да биде поврзана од источната страна од каде се граничи со блискиот сојузник Русија.