Нормализацијата на македонско-бугарските односи била една од темите на разговорите меѓу државно-владиниот врв и Командантот на силите на САД за Европа и Африка, генерал Кристофер Каволи. На денешните средби во Скопје затворањето на ова прашање било посочено како исклучително значајно за регионот и за неговата стабилност.
„Членството на Северна Македонија во НАТО и отворањето на преговорите со Европската унија се од клучно значење за безбедноста и стабилноста во регионот. На средбата стана збор за важноста на развивањето на регионалната соработка меѓу сојузниците и за потребата од што побрзо разрешување на разликите во рамките на евроатлантското семејство како дел од посветеноста на заедничката безбедност“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана по состанокот на Каволи, придружуван од амбасадорката Брнз, со министерката Шекеринска и армискиот генералштаб.
Други детали околу прашањето за надминување на бугарската блокада за земјава да ги почне пристапните преговори со ЕУ не се прецизираат. На средбата било заклучено дека воената интеграција на Северна Македонија во НАТО се одвива според планот и дека се очекува да заврши до крајот на годината. Се зборувало и за ангажманот на американските инженерски единици во подготвката на Криволак за вежбата „Одлучен удар 21“.
Според Каволи, Северна Македонија со своето учество и придонес во НАТО мисиите и регионалната безбедност е пример за целиот Балкан.
Командантот на американските копнени сили во Европа и Африка од шефот на државата, Пендаровски, бил информиран за напорите за зголемување на буџетот во одбраната, до исполнување за зацртаната цел до 2024 година – најмалку 2 отсто од БДП да се инвестираат во модернизацијата и развојот на армијата.