Линкови за пристапност

Турција продолжува да купува оружје од Русија и покрај приговорите од САД


Турција се заканува дека ќе продолжи со купување руска воена опрема и покрај предупредувањата од Вашингтон. Заканата доаѓа во период кога се продлабочува јазот помеѓу членките на НАТО и Анкара поради веќе купениот ракетен систем.

Вашингтон го зголеми притисокот за Анкара да го откаже купувањето на рускиот ракетен одбранбен систем S-400, а турскиот министер за одбрана Хулуси Акар ја бранеше одлуката.

Ова не е офанзивен систем, рече тој, додавајќи дека не може да биде закана за никого кога ќе биде поставен.

Вашингтон вели дека напредниот радар на ракетите S-400 претставува закана за одбранбените системи на НАТО и бара негово отстранување.

Но, Анкара покажува интерес за купување нови руски ракети. Извор близок до Владата вели дека договорот со Москва веќе е постигнат.

Минатиот месец американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупреди дека Турција може да се соочи со санкции доколку купи дополнително руско оружје што ги вклучува и S-400.

Загриженоста веќе резултираше со тоа што Вашингтон ја блокираше Турција во процесот на модернизација на застарените турски воени авиони со американски напредни F-35.

Турскиот претседателски советник Месут Касин предупреди дека Вашингтон ја присилува Турција кон натамошно продлабочување на воените врски со Русија.

Ни требаат 200 борбени авиони. Ова е реалноста: САД не ни даваат борбени авиони и така ја притискаат Турција да купи руски борбени авиони. Ние не сакаме тоа да го направиме, но ако САД не ни даваат, ќе ги набавиме од Русија“ изјави Касин.

Аналитичарите предвидуваат дека Анкара нема да купи ново руско оружје се до одржувањето на планираниот состанок меѓу турскиот и рускиот претседател на маргините на НАТО самитот кој треба да се одржи наредниот месец.

Илхам Изгел, аналитичар за меѓународни односи кој пишува за веб порталот Дувар Њуз, вели дека купувањето руски ракетен систем ги држи во заложништво турско – американските односи.

„Тоа е камен на сопнување. Не сум видел друг период во кој Турција се довела себе си во ќош до оваа мера“ изјави Изгел.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рече дека Вашингтон треба да ги надмине приговарањата и цврсто потврди дека Турција нема да се повлече од набавка на руски ракети.

Но, некои аналитичари предвидуваат дека Анкара можеби ќе се согласи на договор доколку Вашингтон понуди отстапки.

XS
SM
MD
LG