Линкови за пристапност

Американски муслимански организации ја бојкотираа ифтарската вечера во Белата Куќа


Американски муслимански организации ја бојкотираа неделната вирутелна ифтарска прослава, со која се означува крајот на светиот месец Рамазан, во знак на протест за она што тие го гледаат како поддршка на администрацијата на Џо Бајден за израелско насилство врз Палестинците.

Рамазан Бајрам вообичаено е време на радост и славење за Муслиманите низ целиот свет, но оваа година не беше така, не само поради пандемијата туку и поради зголеменото насилство меѓу Израелците и Палестинците.

Поради ова некои американски муслимански организации се одлучија да ја бојкотираат виртуелната прослава за Бајрам што ја организираше Белата Куќа.

„Советот за американски исламски односи се придружи на американските муслимански организации во бојкотирањето на прославата поради разочарувачкиот одговор на администрацијата на Џо Бајден кон кршењето на човековите права од страна на Израел во појасот Газа и во Источен Ерусалим“ вели Роберт Мек Кау, Совет за американски исламски односи.

Мојата администрација ќе продолжи да работи со Палестинците и Израелците и другите регионални партнери кон одржливо смирување
Џо Бајден, претседател на САД

Почнувајќи со Бил Клинтон во 1996-та, американските претседатели организираат ифтар за прекршувањето на постот во Белата Куќа. Оваа година, претседателот Џо Бајден и првата дама Џил Бајден организираа виртуелен настан.

„Можеме да го видиме духот на овој ден кај милиони муслимани Американци кои ја прават нашата земја посилна секој ден“ изјави првата дама, Џил Бајден.

Претседателот Џо Бајден изјави дека израелско – палестинскиот конфликт им тежи на муслиманите низ целиот свет.

„Мојата администрација ќе продолжи да работи со Палестинците и Израелците и другите регионални партнери кон одржливо смирување“ рече Бајден.

Во саботата илјадници луѓе се собраа во поголемите градови во САД, вклучително Вашингтон, Њујорк и Бостон, барајќи администрацијата на Џо Бајден да направи повеќе за да го адресира прекршувањето на човековите права од страна на израелската Влада врз Палестинците.

Уморни сме од убивањето невини луѓе, уморни сме од окупацијата
Сехам Есхек, Американец од Палестина.

„Уморни сме од убивањето невини луѓе, уморни сме од окупацијата“ изјави Сехам Есхек, Американец од Палестина.

За време на викендот Бајден разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со лидерот на палестинските власти Махмуд Абас. Администрацијата исто така испрати претставници во регионот.

Пред избувнувањето на насилствата Џо Бајден не се потруди многу да ги рестартира заглавените мировни преговори. Сега е под притисок да го направи тоа, не само од американските муслимани туку и од законодавците во прогресивното крило на Демократската Партија.

XS
SM
MD
LG