Линкови за пристапност

САД ја враќа здравствената заштита за трансродовите луѓе која ја укина Доналд Трамп


(Вашингтон, АП) Соединетите Држави ќе ги заштитат геј и трансродовите луѓе од дискриминација во здравствениот систем, соопшти администрацијата на Џо Бајден. Со ова се поништува политиката од времето на Доналд Трамп со која се намалуваше опсегот на заштита во чувствителни ситуации вклучително и при медицинска грижа.

Потегот на Одделот за здравство потврди дека федералните закони кои забрануваат полова дискриминација во здравствениот систем исто така ќе се однесуваат и на геј и на трансродовите луѓе.

Администрацијата на Трамп го имаше дефинирано полот како „пол одреден при раѓање“ со што ги исклучуваше трансродовите луѓе од законската заштита.

„Стравот од дискриминација може да предизвика луѓето да не побараат здравствена заштита што може да има сериозно негативни последици“ се наведува во соопштението од Одделот за здравство. „Сите, вклучително и ЛГБТ луѓето, би требало да имаат пристап до здравствена ослободена од дискриминација или мешање“.

Стравот од дискриминација може да предизвика луѓето да не побараат здравствена заштита што може да има сериозно негативни последици
Оддел за здравство.

Според Одделот за здравство оваа политика е на линија со одлуката на Врховниот суд од минатата година во случај за дискриминација на работното место која востановила дека федералните закони против половата дискриминација на работа исто така ги штитат и геј и трансродовите луѓе.

И покрај оваа одлука, администрацијата на Трамп продолжи да ги стеснува правните заштити од дискриминација во здравствениот систем носејќи правила со кои полот се дефинира како „биолошки пол“. Федерален судија го блокираше стапувањето во сила на овие правила иако администрацијата на Трамп спореше дека правно заштитата од дискриминација во здравствениот систем не е иста со случајот со работното место за кое донесе одлука Врховниот суд.

Овој потег значи дека канцеларијата за граѓански права на Одделот за здравство повторно ќе истражува поплаки за полова дискриминација базирани на сексуална ориентација и полов идентитет. Болниците, амбулантите и другите медицински установи може да се соочат со владини санкции доколку го прекршат законот.

Одлуката на администрацијата на Бајден во суштина ја враќа политиката востановена во времето на Обама. Законот за здравствена заштита кој беше донесен тогаш вклучуваше и одредба за забрана на полова дискриминација во здравствениот систем а администрацијата толкуваше дека тоа се однесува и на геј и трансродовите луѓе. Тоа се заснова на широкото разбирање дека полот до одредува внатрешното чувство на човекот – дали тој е маж, жена, ниту едно или комбинација од двете.

Во расправата за правата на трансродовите луѓе особено се истакнува медицински признаената состојба наречена „полова дисфорија“ која претставува вознемиреност предизвикана од несовпаѓање на полот со кој личноста се идентификува и полот одреден при нејзиното раѓање. Третманот може да вклучува и операција за менување на полот и хормони со кои луѓето го менуваат нивниот надворешен изглед.

Медицинските групации и организациите за граѓански права во глобала поддржуваат поголема правна заштита за геј и трансродовите луѓе, додека социјалните и религиозните конзервативци бараат намалување на опсегот на заштита.

XS
SM
MD
LG