Линкови за пристапност

Кина ќе одбележи граница на Монт Еверест за да спречи ширење на Ковид-19


Кина објави дека ќе создаде „линија на раздвојување“ на врвот Монт Еверест за да ги спречи алпинистите од Непал да го шират COVID-19 меѓу алпинистите кои се искачуваат од кинески контролираниот Тибет.

21 кинески алпинист ќе го извидат највисокиот врв на светот оваа година за да ја утврдат линијата на поделба, пренесе државната новинска агенција Синхуа. Сепак, нејасно е како алпинистите ќе ја обележат линијата, особено на врвот, кој претставува мала, тесна област каде што само неколку алпинисти можат да поминат само неколку минути одеднаш за да уживаат во погледот, се вели во извештајот.

Монт Еверест се протега на границата меѓу Кина и Непал, северната падина на планината е од кинеска страна а јужната падина од непалска страна.

Пекинг забрани искачување на странски алпинисти по појавата на пандемијата со Ковид-19 минатата година, но непалската влада започна со издавање дозволи за искачување во обид да ги ревитализира приходите од туризам.

Непал во моментов е зафатен од наплив на нови инфекции и смртни случаи во последните неколку недели, како одраз на катастрофалниот смртоносен бран во соседна Индија.

Според последните владини податоци, Непал во неделата пријавил 8.777 случаи, 30 пати повеќе од бројките забележани во април, објави Ројтерс.

Земјата досега има пријавено вкупно 394.667 потврдени случаи и 3.720 починати.

XS
SM
MD
LG