Линкови за пристапност

Димитров - Гир: Старт на преговорите со ЕУ што е можно побрзо


Вицепремиерот потенцираше дека сега е време Европа да го исполни ветеното а со Софија мора да се стабилизираат односите. Евроамбасадорот Гир уверува - Европската Комисија сака да се одржат првите меѓувладини конференции и со Северна Македонија и со Албанија

СКОПЈЕ - Нашата битка денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници, порача вицепремиерот за европски прашање Никола Димитров во неговото обраќање на заеднички настан со евроамбасадор Дејвид Гир, по повод Денот на Европа.

Според Димитров, македонското прашање ќе биде тест за доверба на Европската Унија, по изгубени години и генерации но и направен очигледен прогрес.

„Очигледно е дека огромно мнозинство земји-членки сакаат годинава што е можно побрзо да почнеме преговори и ние и нашите соседи во Тирана. Моето разбирање е дека тоа е ставот и на Европската Комисија (ЕК) која впрочем тоа и го препорача во својот извештај и пакет за проширување минатата година. Северна Македонија ги исполни сите услови и сè што требаше да стори на линија на европските принципи. Почетокот на преговорите е апсолутно заслужена работа и поради три нешта: изгубеното време, очигледниот прогрес изминатите години и покажаното лидерство во решавањето на тешките прашања. Мислам дека македонското прашање е тест дали на ЕУ можеме да ѝ веруваме во однос на целиот Балкан“, рече вицепремиерот Димитров.

Евроамбасадорот Гир дециден - позицијата на Европската Комисија (ЕК) е јасна- старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно побрзо.

„Позицијата на ЕК е апсолутно јасна. Комисијата сака да види одржување на меѓувладината конференција, односно почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија што е можно побрзо. Процесот е заснован на заслуги а двете земји имаат направено многу во однос на тој процес. Време е да се оди напред, т.е. да се направи напредок“, рече евроамбасадорот Гир.

Билатералниот спор со Бугарија мора да се реши. Димитров нагласи дека иако во Бугарија ќе има техничка Влада и нови парламантарни избори императив е нормализирање на односите и враќање на пријателството и довербата.

„Многу време помина, мислам дека има голем проблем со европската перспектива во многу земји. Има и други избори – кај нас има локални во есен, во Бугарија има претседателски во ноември. Ќе биде добро со Софија да се вратиме на колосекот на партнество и пријателство и тоа, исто така, ќе биде многу добро за Европската Унија. Во последниве години малку светли точки имаме на Балканот. Од Северна Македонија доаѓа надеж и токму затоа, одлуките што ќе се прекршат околу нас ќе имаат рефлексија врз целиот регион на Западен Балкан. Наше е да најдеме начин, согласно европските принципи, да излеземе, на некој начин, од овој многу штетен ќор-сокак годинава“, рече Димитров.

Евроамбасадорот Гир кажа дека евентуалното одвојување на Северна Македонија и Албанија за старт на преговорите мора да го дебатираат земјите членки. Во однос на спорот со Бугарија, испрати порака дека ЕУ дава поддршка да се најде прифатливо решение.

„Во врска со билатералните прашања секогаш ги охрабруваме земјите да работат заедно за да се постигне заедничко прифатливо решение со цел да се продолжи напред. Прашавте околу раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија, мислам ова прашање беше покренато и повторно при посетата на еврокомесарот Вархеји и тој повторно кажа дека ЕК работи за да се постигне согласност за меѓувладини конференции за двете земји – и за Северна Македонија и за Албанија, меѓутоа, сè уште не сме стигнати до таму. Се разбира, одвојувањето е и прашање со кое треба да се занимава и Европскиот совет, тука се 27 земји членки кои треба да дебатираат за тоа прашање“рече Гир.

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи утре заминува во Брисел а во рамките на мини турнејата ќе ги посети и Мадрид и Атина.

Во Брисел ќе се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли како и со Јосеп Борел, потпретседател на Европската комисија. На агендата се средби и со извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимемерманс и со еврокомесарот Оливер Вархеји. За време на посетата на Брисел премиерот Заев ќе има средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја членка и актуелен претседавач со ЕУ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG