Велика Британија испрати два воени бродови во Ла Манш во четвртокот во време кога има спор со Франција во врска со правата на риболов. Француските рибари велат дека нелегално им се оневозможува риболов во водите околу британскиот остров Џерси.
Околу дваесетина француски рибарски бродчиња пловеа кон Џерси за да организираат протест. Еден брод за кратко влезе во главното пристаниште на островот.
„Дојдовме денеска затоа што отсекогаш ловевме риби во водите таму, секогаш сме ловеле овде, а потоа преку ноќ тие ни ги одземаат сите права на риболов“ изјави Лудович Лазаро, француски рибар.
Велика Британија, пак, испрати два воени брода за да ја „следат ситуацијата“. Бродовите се вратија во пристаништето откако францускиот протест заврши, а британската влада соопшти дека останува во готовност. Франција исто така распореди два бродови за поморска патрола во областа.
Разговорите меѓу рибарите и властите не успеаја да постигнат решение.
Џерси е британски остров, но лежи непосредно покрај француското копно. Според договорот за излез на Велика Британија од Европската унија, беа вклучени посебни одредби за рибарските полиња на островот.
„Француските чамци кои ловеа риби во водите на Џерси најмалку 10 дена годишно помеѓу 2017 и 2020 година имаат право да продолжат да го прават тоа и во иднина. Она што се чини се случи е дека властите во Џерси зазедоа многу рестриктивен пристап за докажување кој и колку риболовел во последните три години“ објаснува Џејмс Кејн, Институт за владеење на Велика Британија.
Франција се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија во Џерси.
„Ние сме подготвени да ги примените овие мерки. Европа, Франција има начини, тоа е запишано во договорот. Значи, што се однесува до Џерси, би те потсетил, на пример, на транспортот на електрична енергија со подводни кабли“ вели Аник Џиради, министер за поморство на Франција.
Британската влада соопшти дека ќе бара решение.
„Да работиме заедно за да се осигураме дека оперативно на теренот ќе испегламе какви било проблеми, така што овој историски договор меѓу Обединетото Кралство и ЕУ, еден од најважните што го постигнавме, го ставивме во функција, да функционира за луѓето, за заедниците“ изјави Надим Захави, министер во британска влада.
Риболовот сочинува 1% од британската и европската економија. Но, риболовот е моќна културна и политичка сила, вели Кејн.
„Рибарите, во модерната економија, тие се единствените луѓе кои се уште се ловци. Излегуваат и наоѓаат храна и ја враќаат назад. Тој е длабоко вкоренет во крајбрежните заедници. Луѓето се чини дека многу се грижат за него до степен што е непропорционален со неговата економска важност. И тогаш, исто така, политички, искрено е корисно и за двете страни да ја туркаат оваа приказна затоа што има толку голема резонанца“ вели Џејмс Кејн, Институт за владеење на Велика Британија.
Европската Унија повика на деескалација на спорот. Но, аналитичарите велат дека тензиите околу риболовот најверојатно ќе продолжат бидејќи Велика Британија се обидува да го исполни ветувањето за Брегзит - „да ја врати контролата“.