Последната недела во медиумите и во политиката во земјата доминираа последиците од отвореното писмо изготвено од поранешен капетан во жандармеријата, во кое се тврди дека Франција се соочува со „смртни опасности“ и во кое се предупредува дека тој и неговите поранешни воени службеници „не можат да останат рамнодушни на судбината на нашата убава земја“.
Повеќе од 2.000 поранешни војници, меѓу нив и голем број пензионирани генерали, го потпишаа писмото со кое предупредуваат дека Франција е во „опасност“ од „исламизмот и од ордите од предградијата“. Потписниците рекоа: „Оние што ја водат нашата земја императивно мора да ја пронајдат потребната храброст за искоренување на овие опасности“.
Француската крајна десничарка Марин Ле Пен побрза да ги поддржи чувствата и во неделата го обвини францускиот претседател Емануел Макрон дека ја насочува Франција кон хаос, насилство и економски пад.
Политичкиот бес поттикнат од отвореното писмо, објавено на шеесетгодишнината од обидот за државен удар во 1961 година против Шарл Де Гол, го подготвува теренот за тензични претседателски избори следната година.
Ле Пен, која е близу до поразување на Макрон на изборите во 2022 година, ги повика воените потписници да го поддржат нејзиниот кандидат за претседател, поттикнувајќи ја една владина министерка, Марлин Скијапа, да ја обвини Ле Пен за „поддршка на можен пуч“.
Анкета Харис Интерактив покажа дека 58% од француското население ги дели ставовите изразени од незадоволните воени офицери. Според анкетата, 49% сметаат дека би било добро армијата да интервенира за да се одржи редот во одредени околности „дури и ако владата не го побара тоа“.
Некои од потписниците на писмото, во кое се предупредува дека „времето е тешко, а Франција е во опасност“, имаат врски со антиимиграциските движења. Потписниците тврдат дека неколку француски градови се претворени во зони на „беззаконие“ што ги тресат темелите на Француската Република и им замеруваат на политичарите за плашливост.
Расправијата околу интервенција во политиката од страна на воените сили остана во позадина на насилните прослави на Први мај кога синдикалци беа нападнати во неделата од страна на маскирани демонстранти, за кои се верува дека припаѓаат на анархистички групи. Повеќе од 20 синдикалци и еден полицаец беа повредени во нередите.
Првомајскиот говор на Ле Пен презеде теми изнесени во отвореното писмо. Крајно десничарскиот лидер обвини за „криминал и урбани немири“ и предупреди на хаос, за кој вели дека ќе се влоши доколку Макрон биде реизбран. Таа застана во одбрана на потписниците, велејќи дека тие не сториле ништо полошо од „вклучување на аларм по живот поминат во служба на нацијата“.
Главните партии во Франција побрзаа да го осудат писмото.
Премиерот Жан Кастекс, рече дека политичката интервенција на воени лица ги крши републиканските принципи на Франција и „честа и должноста“ на армијата.
Беноа Хамон, кандидат на Социјалистичката партија за последните претседателски избори, вели дека писмото претставува „закана од државен удар“.
Флоренс Парли, министер за одбрана, вели дека два „непроменливи принципи“ треба да ги водат постапките на припадниците на војската во однос на политиката: „неутралност и лојалност“.
Политичките несогласувања во земјата го натераа истакнатиот академик Паскал Перино да предупреди дека „Франција седи на вулкан“. Во интервју за весникот Les Echos, познатиот политиколог рече дека Франција е опфатена со три кризи - социо-економска. медицинска и криза во однос на културните вредности и што значи да се биде Французин.
„Французите веќе не се согласуваат за она што е Франција“, рече тој. „Дали сè уште веруваме во република организирана според секуларизам што го спроведува владата или се навикнуваме на општество во кое различните заедници кохабитираат? Ова е длабока дебата, неверојатно длабока поделеност, за самата природа на Франција “.
Отвореното писмо на војската додаде масло на огнот во тековната дебата за тоа што значи да се биде Французин. Потписниците идентификуваа три трендови за кои велат дека ќе доведат до распаѓање на Франција - анти-расизам, исламизам и агитација против полицијата. Авторите велат дека антирасистичките движења претставуваат закана затоа што „тие ги затскриваат омразените фанатици кои сакаат да започнат расистичка војна“.
Макрон не е единствениот европски лидер на кој му се заканува војската.
Поранешните припадници на вооружените сили на Шпанија минатата година објавија отворено писмо во кое ја обвинуваат малцинската влада предводена од социјалистите за закана врз националното единство.
Писмото потпишано од 271 офицер, вклучително и двајца поранешни генерал - потполковници и адмирал, беше објавено само неколку дена откако беа откриени десетици пензионирани офицери на воздухопловството, кои разговарале за поттикнување на државен удар.