Линкови за пристапност

Блинкен на состаноци со Г-7 групата – во фокусот Кина и Северна Кореја


Министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 имаат серија состаноци во Лондон на кои дискутираат за серија глобални прашања меѓу кои односите со Кина и Русија, воениот удар во Мјанмар, конфликтот во Сирија и ситуацијата во Авганистан.

Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство соопшти дека сесиите на министерот Доминик Раб „ќе вклучуваат дискусии за значајните геополитички прашања кои се закануваат да ги поткопаат демократијата, слободите и човековите права“.

Раб рече дека разговорите се „можност за спојување на отворените, демократски општества и за демонстрирање на единство кое е потребно за справување со заедничките предизвици и растечките закани“.

Американскиот државен секретар Енони Блинкен се сретна со Раб вчера по што се осврна на односот со Кина.

Она што се обидуваме да го направиме е да се почитува редот заснован на меѓународните правила
Ентони Блинкен, државен секретар на САД

„Она што се обидуваме да го направиме е да се почитува редот заснован на меѓународните правила во кои нашите земји имаат инвестирано многу изминативе децении и од што корист имаат не само нашите граѓани туку и луѓето ширум светот вклучувајќи ја и Кина“ изјави Блинкен по средбата со Раб.

Раб изјави дека Соединетите Држави и Обединетото Кралство бараат конструктивни начини да соработуваат со Кина „на разумен и позитивен начин“ за прашања кои ги вклучуваат и климатските промени.

Американскиот претседател Џо Бајден ја идентификуваше конкуренцијата од Кина како најголем надворешно политички предизвик на неговата администрација. Во неговиот прв говор пред Конгресот минатата недела се заложи да продолжи силното американско воено присуство регионот на Индопацификот и да се поттикне американскиот технолошки развој.

Соединетите Држави исто така се подготвени за дипломатски ангажман со Северна Кореја за постигнување на крајната цел – денуклеиризација на Корејскиот полуостров, откако заврши повеќемесечното преиспитување на политиката кон Северна Кореја.

„Она што сега го имаме е политика која повикува на кредибилен практичен пристап кој е отворен кој ќе истражи дипломатски решенија со Северна Кореја, ќе се обиде да направи практичен напредок кој ќе ја зголеми безбедноста на САД, на нашите сојузници и на нашите војници“ изјави Блинкен во понеделникот.

Министерските разговори на Г-7 ги исцртуваат контурите за самит на лидерите на овие земји кој би се одржал во јуни, исто така во Обединетото Кралство.

Покрај Обединетото Кралство и Соединетите Држави во Г-7 влегуваат и Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија.

Австралија, Индија, Јужна Африка, Јужна Кореја и Брунеи исто така се вклучени во разговорите кои се одржуваат оваа недела.

По состаноците на Г-7 Блинкен треба да отпатува во Украина и да се сретне со претседателот Володимир Зеленски и други владини претставници.

Портпаролот на Стејт депратментот, Нед Прајс, соопшти дека Блинкен „ќе ја повтори непоколебливата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во очи на постојната агресија од страна на Русија“.

XS
SM
MD
LG