СКОПЈЕ – Во големи сали во шест града низ државата утре ќе почне масовната регионална имунизација на населението која ќе се спроведува со вакцините на кинескиот производител „Синофарм“ кои беа испорачани пред неколку дена. Како што и беше најавено, транспортот на вакцините во Куманово, Тетово, Охрид, Битола, Штип и Кавадарци е при крај и процесот на вакцинирање на населението ќе се врши непречено.
Во Битола, вакцинацијата на граѓаните ќе се одвива во спортската сала во медицинското училиште „др Јован Калаузи“, во Штип во салата „Јордан Мијалков“, во тетово во салата на средното медицинско училиште „Никола Штејн“ а во Охрид во спортската сала „Билјанини извори“.Вакцинацијата ќе продолжи и во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Имунизацијата на граѓаните ќе ја вршат локалните медицински тимови а според првичниот план вакцинирање ќе има и како досега во здравствените домови кои етапно ќе се затвараат. Регионален вакцинален пункт до крајот на месецов ќе добијат и Прилеп и Велес.
Пред стартот на работата на шестте регионални центри повторно проблеми, но овој пат со термините за вакцинација. Граѓани, пртеку социјалните мрежи и во групи наменети за контакт и помош со коронавирусот, споделуваат информации дека добиле смс пораки за вакцинација кои гласат на друго име или пак во друг град.
Надлежните пак тврдат системот работи – граѓаните оставиле погрешни податоци и матичниот лекар погрешил.
„СМС пораките се испраќаат на бројот кој е оставен за лицето при неговото пријавување за вакцинација. Доколку е пријавен преку „вакцинација.мк“ добива и е-маил. Ако е пријавен преку матичен лекар добива само смс на бројот кој го има во неговото досие кај матичниот лекар. Пунктот за кој добил термин самиот го избрал или е избран од матичниот лекар“, велат од националниот електронски систем „Мој термин“
Здравствените власти најавија дека очекуваат бројката на вакцинирани граѓани дневно да се движи меѓу 10 и 15 илјади со што и епидемиолошката слика во државата ќе претпи видни измени.
Досега во Северна Македонија се вакцинирани 61.600 граѓани, претежно повозрасни граѓани над 73 години со хронични болести како и служебниците во критичната државна инфраструктура и медиумските работници.
Епидемиолошката состојба полека се подобрува а трендот на опаѓање на бројките на новозаболени и на хоспитализирани продолжува па затоа од среда на сила ќе биде нов пократок полициски час. Полицискиот час ќе почнува во 23 часот и ќе трае до 5 часот наутро а кафеаните, рестораните и кафулињата ќе може да работата до 22.30 часот но само во летните бавчи. Спортските сали и фитнес центрите остануваат затворени.
Овој пат одлуката ја донесе Главниот координативен кризен штаб со кој раководи премиерот Зоран Заев и членуваат 11 министри и директорите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и ја прескокна Комисијата за заразни болести.
„Главниот координативен кризен штаб на денешната седница ги разгледуваше предлозите пристигнати од Министерството за здравство и врз основа на нив предлага на наредната седница на Владата да се усвои одлука за постојните мерки- забраната и посебниот режим на движење да почнува од 23:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, време за работа на угостителските објекти за работа само летни тераси, градини, а не во затворениот дел да биде до 22:30 часот“, стои во владиното соопштение.
Во последните четири дена беа регистрирани 1.117 новозаболени а 1.843 оздравени пациенти со што бројката на активни случаи падна од 15.013 на 14.276 случаи.
Попушта и притисокот врз здравствениот систем и медицинските тимови а денеска според официјалните информации на министерството за здравство во Ковид центри и инфективните одделенија во Скопје и во внатрешноста на државата се хоспитализирани 1.085 пациенти а здравствените капацитети располагаат со 757 празни болнички кревети
Facebook Forum