Линкови за пристапност

Загрижува злоупотребата на државни ресурси на изборите во Албанија, велат меѓународни набљудувачи


Еди Рама засега е победник на парламентарните избори во Албанија со изброени една третина од гласовите

Парламентарните избори во Албанија се окарактеризираа со инклузивна кампања, благодарение на законската рамка што помогна да се обезбеди почитување на основните слободи. Во исто време, во кампањата беше забележано користење на јавната функција од страна на властите и обвинувања за купување гласови, се вели во денешното соопштение на меѓународните набљудувачи.

Заедничката набудувачка мисија од Канцеларијата на ОБСЕ и демократските институции и човекови права (ОДИХР), Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), утврдија дека и покрај некои нејаснотии и недоследности, законската рамка претставува соодветна основа за одржување демократски избори. Неодамнешните измени во законската рамка обезбедија дополнителни заштитни мерки и се засноваа на широк политички консензус. Новата изборна администрација добро се справи со обемните нови задачи што ги презеде и уживаше целосна доверба.

Околу 3,5 милиони гласачи беа регистрирани на изборите, што се одржаа во време на глобална пандемија. Додека се почитуваа основните слободи, пораките за време на изборната кампања се фокусираа на лидерите на партиите отколку на политичките платформи. Тонот на јазикот што го користеа некои водечки политичари за време на кампањата беше конфронтативен, а во исто време, медиумите не дадоа суштински информации за гласачите да го направат својот избор. Загрижувачка е и преваленцата на купување гласови низ целата земја.

Новововедениот електронски систем за идентификација на гласачите беше поставен на сите избирачки места. Неговата цел беше да се намали ризикот од измама на гласачите, иако избрзаниот вовед не остави време за јавна дискусија или независна контрола на новиот систем. Додека самиот процес на денот на изборите беше претежно транспарентен и непречен, мерките поврзани со пандемијата беа слабо спроведени и социјалното дистанцирање не беше секогаш почитувано.

И покрај добро развиената законска рамка за спречување на злоупотребата на државните ресурси, многу јавни личности беа присутни во кампањите. Ова, заедно со лансирањето на неколку големи владини инфраструктурни проекти во предизборието, и дадоа значителна предност на владејачката партија.

Еди Рама засега е победник на парламентарните избори во Албанија со изброени една третина од гласовите. Неговата Социјалистичка партија освои 50 проценти од гласовите, додека опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша 39 проценти. Но, овие бројки не се официјални. Конечните резултати се оечкува да бидат објавени најдоцна до утревечер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG