СКОПЈЕ – Сите осудени на насилствата од 27 април во Собранието веднаш да бидат пуштени на слобода и да се повтори судскиот процес се двете клучни барања кои беа испорачани на денешниот протест под мотото „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“, кој беше организиран од патриотски здруженија од дијаспората а поддржан од опозициската ВМРО – ДПМНЕ и други помали партии и движења.
Протестот почна пред Владата од каде граѓаните партиските членови и симпатизери тргнаа кон Собранието носејќи пароли со имињата на осудените и знамиња.
„Дојдени сме тука заради неправедно осудените, да им дадеме поддршка. Судството мора да работи непристрасно и да биде подеднакво за сите граѓани. Има голема разлика во пресудите во однос на многу лица блиски до опозицијата. Се надевам дека ќе издејствуваме повторен процес. Ако „Монструм“ заслужи тогаш и за ова треба по втор пат да ги видиме аргументите. Сакаме правда не бараме ништо друго“, изјави Светлана Карапетрова.
Присутните на протестот се на ставот дека кривичното дело за кое се гонат – „тероризам“ не е својствено за стореното дело.
„Тие се родољуби не терористи. Тие што беа терористи сега се во законодавната и извршната власт“, рекоа повеќемина присутни на протестот.
Според организаторите, осудените биле испровоцирани од кршењето на Уставот и законите во Собранието а судскиот процес бил политички монтиран и во него биле користени лажни сведоци и лажни изјави.
Критики и осуда беа упатени кон пратеникот Крсто Мукоски кој ги отвори собраниските врати а потоа беше амнестиран. Од бината пред Собранието беа прочитани имињата и висините на казните на сите осудени освен на еден – Александар василевски Нинџа.
Декларација со барања од протестот ќе биде испратена до државниот врв и дипломатскиот кор.
„Најостро ги осудуваме политички монтираните обвиненија за терористичко загрозување на уставениот поредок и драконските казни за неправедно осудените за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Бараме нивно безусловно ослободување од натамошно издржување на казната и нејзино бришење. Бараме Врховниот суд да ги поништи пресудите и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите“, соопшти Игор Дурловски, од бината пред Собранието, читајќи ја декларацијата.
Меѓу присутните на протестот беа и семејствата на осудените. За нив нема двојба дека процесот мора да се повтори и дека казните се драконски.
Очекувано, од протестот беа упатени и политички барања. Владата и Собранието да поднесат оставка поради велепредавство, поништување за како што ги оценија штетните договори со Бугарија и со Грција, и предвремени праламентарни избори заедно со локалните на есен.
„ Поради чудовишниот криминал и корупцијата, поради политичката, здравствената и економската криза во Македонија, поради сиромаштијата и емиграцијата, поради мафијата која владее со нашите животи, поради непријателсјата трансформација на една суверене држава во криминална територија, бараме предверемени парламентарни избори заедно со локалните кои треба да се одржат годинава“, изјави Арна Шијак.
Протестот заврши со најава дека нема отстапување и затоа во паркот спроти Собранието ќе се постават шатори. Граѓаните кои се одлучија на овој чекор не ја исклучуваат можноста да штрајкуваат со глад. Иако останаа во паркот „Жена Борец“ барем денеска тие не добија дозвола од полицијата да ги постават шаторите.
Од владеачката СДСМ со обвинување дека ВМРО – ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски го слават насилството и режимот и браната насилници.
„Денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно се враќа на местото на злосторот, денеска ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски повторно протестира за одбрана на насилството.На 27 април 2017 на крвавиот четврток, вооружени насилници упаднаа во Собранието и се обидоа да убијат пратеници, новинари и вработени во собраниските служби, тоа го виде целата домашна и меѓународна јавност.Единствена цел на Мицкоски е да ги одбрани криминалите во редовите на неговата партија и неговиот шеф Груевски“, стои во соопштението на СДСМ.
Facebook Forum