Линкови за пристапност

Фирмите и граѓаните чекаат Собранието конечно да ја одобри финансиската помош


Петиот пакет антикризни мерки заглавен во Собранието, партиските интереси пред оние на граѓаните. Приватниот сектор пред колапс. Работници со месеци не примиле плата, бизнисите се затвараат, работници се отпуштаат а се поголем е бројот на баратели на кредит за да може да преживеат

СКОПЈЕ - Приватниот сектор и понатаму ќе чека на финансиската помош предвидена со петиот пакет антикризни мерки кој е заглавен во Собранието. Иако најавено и очекувано, пакетот мерки вчера не беше усвоен. Мерките кои пред два месеци се доставени во Собранието и од кои зависи егзистенцијата на голем десетити илјади граѓани од приватниот сектор сеуште не се изгласани. Спикерот Џафери не ја прекина 32 седницата за да може да се прејде на 36 седница и да се гласа. Жестоки расправи и префрлување на вина.

Покрај жестоките реакциии осуди во јавноста, синдикатите и стопанските комори побараа марките веднаш да бидат усвоени во Парламентот оценувајќи го односот на пратениците како срамен и нечовечки.

Александар Чоневски е сопственик на туристичката агенција „Игуана“, семеен бизнис кој оваа година бележи 30 години постоење. Туризмот е еден од најпогодените сектори со пандемијата и е речиси пред колапс и во моментов тие повеќе живуркаат отколку што работат. Токму затоадржавната помош е повеќе од добредојдена.

„Иако минорна, посебно во споредба со сето она што со години ние сме го плаќале и давале кон и за државата, а во поглед на даноци, осигурувања, дозволи, придонеси, сертификати, па и казни сепак оваа помош или јас би рекол враќање на дел од она кое ние сме го плаќале, би ни обезбедило релативен мир барем за кратко време, бидејќи ситацијата е исклучително тешка и понижувачка, дојдени сме на раб на колапс и се бориме за преживување“, вели Чоневски.

Доколку не се изгласа овој пакет мерки, многумина од неговиот сектор се соочуваат со банкрот и затварање на бизнисните.

„Се додека трае оваа тешка и мачна ситуација тврдам дека без поголема и посериозна поддршка голем дел од колегите ќе банкротираат, ќе останат невработени, празни каси и гладни деца. Од друга страна доколку ние опстоиме сите ќе имаат корист, а тука е и државата која и понатаму ќе добива средства од придонеси и даноци. И да не заборавиме, дури и кога ќе се создадат некакви, какви-такви можности и услови за работа, нас не чека мачна и тешка борба од барем 3-4 години за да застанеме повторно на нозе, со еден збор, сега бавно тонеме но голготата се уште не ни почнала за нас“, дециден е Чоневски.

Денеска се огласија и од туристичко угостителската комора и соопштија дека во вторник излегуваат на протест заедно со угостителите. До Владата доставија барања за итна неповратна помош, ваучерите од кампањата „Дома си е дома“ да бидат задолжително искористени преку туристичките агенции, да се смени и одлуката за ваучерите за нереализираните патувања поради ковид-кризата, односно, наместо до 31 декември годинава, важноста на овие ваучери да се продолжи до 31 декември 2022 година.

„ Интересот за патување е сведен на минимум, скоро и да не постои. Падот на прометот кај сите турстички агенции е над 80 проценти, а кај големиот дел и 100 проценти. 2021 година беше годината кога сите се надеваме дека ќе се вратиме во нормала меѓутоа за жал истата се покажа дури и полоша од претходната. Континуирана помош од страна на државата нема. Гледаме што се случува во петтиот пакет мерки и тоа не можеме да го поднесеме“, изјави Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора на денешната прес-конференција.

„Со нетрпение ќе ги пречекаме следниот пат со затворени врати кога ќе ни се обратат или имаат потреба делегациите и останатите гости ги прошетаат во угостителските објекти“ - НУК


Од „Независната угостителска комора“ (НУК) сметаат дека пакетот мерки го губи значењето на самиот збор помош, бидејќи зборот има значење кога ќе биде направен веднаш и безусловно, кога е најпотребен, а не кога веќе реализација на истата нема никакво значение ниту за угостителите ниту за вработените.

„ Жално е што воопшто треба да дискутираме дали овој пакет треба да биде донесен и кога тоа треба(ше) да биде направено. Би ги прозвале јавно сите тие пратеници и лидери на партии што си подигруваат со судбината на угостителската индустрија и сите вработени и фамилии кои зависат од неа да ни објаснат кои се поривите и причинит поради кои неможат или не знаат да смогнат сили или најдат начини во кратка постапка да ги изгласаат овие мерки за да ние мора да страдаме, патиме и гладуваат нашите вработени и нивните фамилии заради нивнате себичност и неодговорност“, изјави Здравко Јосифовски, претседател на НУК.

Од Комората предупредуваат дека голем број на угостители, доколку државата не застане зад нив, ќе мора да ги затворат своите бизниси, да ги отпуѓтат вработените и да се префрлат во друг сектор за да моѓе да обезбедат ристоен живот за своите смејства.

Текстилните работници ја чекаат февруарската плата, иако сме веќе на средината на април, која директно зависи од петиот пакет.

„ Се работи за човечки судбини. Колку побрзо разберат, толку подобро за сите“ -„Гласен текстилец“


Според Ампева, која вчерашната седница на Собранието ја оценува како „циркузијада“, одлоговлекувањето на помошта ќе придонесе до нови откази, злоупотреби со работничките права, блокирани сметки на граѓаните, исклучена струја, немање на право на здравствено осигурување, што е нечовечки во услови на здравствена криза.

„Помошта секако е задоцнета, недоволна, но на овие работници им значи бидејќи сиот овој период тие се соочуваат со намалени плати, доцнење на плата, неисплатени придонеси а со тоа и лечење на приватно, поради фактот дека немаат платено здравствено осигурување. Важно е да се напомене и дека наше барање од април минатата година беше парите да одат директно на сметка на работниците како не би имало злоупотреби од страна на работодавачите на истата таа помош која доаѓа од народниот буџет“, вели Ампева за Гласот на Америка на македонски јазик.

Партиите продолжуваат со меѓусебни обвинувања и препукувања а во Собранието повторно преговори и договори околу седницата на која треба да се гласа за петиот пакет антикризни мерки. Претпладнево на иницијатива на спикерот Џафери заседава парламентарното претседателство кое треба да најде начин како да продолжи со работа Законодавниот дом и да се донесат мерките.

Најавите за карантин на Собранието повеќе од веројатно нема да се остварат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG