Линкови за пристапност

Владата пресече, лекувањето од Ковид во приватни клиники ќе чини до 5.000 евра


На потег е Собранието каде за измените треба да гласаат пратениците. Министерот Филипче ги повика да ги поддржат.Од приватните клиники без официјален став. За цените во приватните лаборатории засега нема решение и граѓаните ќе плаќаат повисоки цени од оние во јавното здравство за истите тестирања

Владата пресече, приватните клиники ќе мора да ги изедначат цените за лекување на пациентите заболени од Ковид -19 со оние на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Со измените на Законот за здравствена заштита се предвидува 305 илјади денари или пет илјади евра да биде највисоката сума која ќе треба да ја плати пациент заболен од Ковид -19 кој се лекувал во некоја од приватните клиники.

Законските измени кои вчера ги предложи Главниот координативен кризен штаб доаѓаат по апелите на граѓаните и притисокот на јавноста за правилата кои ги наментаа приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“ според кои пациентите мораа авансно да уплаќаат висдоки суми кои се движеа до 12 илјади евра за да бидат хоспитализирани. Покрај тоа приватните клиники наплаќаа од илјада до 1.500 евра на ден за лекување.

Токму затоа министерот Филипче минатата недела имаше состанок со претставниците на клиникте кој заврши речиси неуспешно. „Систина“ одби да ги намали цените поради економнска неисплатливост а „Жан Митрев“ се согласи на 10 отсто попуст.

Приватните клиники засега без коментар на одлуката на Владата.

Од Жан Митрев соопштија дека ќе излезат со официјален став откако ќе ги анализиреат измените и додаваат дека тие веќе за половина ја намалиле цената на хоспитализација.

Откако Владата донесе одлука за измени во Законот, следна дестинација е Собранието каде што пратениците ќе треба да ги изгласаат. Од Собранието засега нема најава кога би се одржала седницата на која измените би се нашле на дневен ред за потоа да може да поминат и на Комисиската расправа и потоа да стигнат на гласање.

Минстерот Венко Филипче со апел до пратениците да го поддржат намалувањето на цените.

„Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид пацинети во приватните болници. Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат оваа законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани“, напиша министерот Филипче на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Со овие измени би се решил само дел од проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Услугите на приватните лаборатории и тестирањата се далеку повисоки од оние во јавното здравство а граѓаните се принудени да ги користат поради недостиг на термини или итност.

Речиси половина од над 650 илјади тестови за Ковид -19 се направени токму во приватните лаборатории а цената во моментов изнесува околу 2.400 денари.

Она што загрижува е фактот што и покрај засилувањето на рестриктивните мерки, продолжувањето на полицискиот час и затварањето на угостиелските објекти, бројката на хоспитализирани не опаѓа за разлика од онаа на новозаболени.

Ова го потврди и министерот Филипче која соопшти дека повторно има зголемување на притисокот врз Ковид центрите во Скопје. Официјалните информации покажуваат дека во моментов хоспитализирани се 1.768 пациенти а задрсвтените капацитет располагаат со уште 340 слободни кревети во Скопје и внатрешноста.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), минатата недела се бележи пад на бројката на новозаболени но зголемување на бројката на починати.


Во периодот од 5 до 11 април битката со вирусот ја загубија рекордни 276 пациенти. Во истиот период регистрирани се 6.867 новозаболени во 35 градови низ државата.

„Пријавени се 276 смртни случаи од 29 градови, 6,2% повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 238 лица биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 8 лица од возрасната група од 40-49 години и 3 лица од 30-39 години“, стои во анализата на ИЈЗ.

Во последното деноноќие пак регистрирани се 1.129 новозаболении 27 жртви. Направени се 4.045 тестирања а процентот на позитивни е 28 отсто.

Од почетокот на епидемијата починаа 4.289 лица а во моментов како активни се водат 19.927 случаи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG